ТЕРА

REKLAMA???

ЦЕНТРАЛЕН РЕГИСТАР ВОВЕДУВА ТАРИФА ЗА НОВИНАРИТЕ

Централниот регистар го укина бесплатниот пристап на новинарите до јавни податоци, додека не се донесат законски измени. Од 2017 година, со одлука на владата, новинарите имаа бесплатен пристап до базата на Централниот регистар за да ги обезбедат потребните податоци за темите што ги истражуваат.

Оваа услугa им помагаше на медиумите во истражувачките проекти. Сега новинарите, мора да плаќаат за информации, што го отежнува нивното работење. Од регистарот велат дека услугата повторно ќе биде бесплатна откако ќе се усвојат новите законски регулативи.

„Законските измени се веќе подготвени и во тек се меѓуинституционални усогласувања. Законските измени се предвидени да поминат по скратена постапка и од тие причини очекуваме истите да бидат донесени во најкус можен рок“, одговорија од Централен регистар за РСЕ.

Централниот регистар се повикува на член 18-а од Законот за Централен регистар, кој предвидува дека услугите се наплаќаат според тарифа, освен за корисници од државниот буџет, вклучувајќи претставници на властите.

Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) велат дека проблемот веќе го адресирале до Владата. Од таму, добиле уверување дека не станува збор за укинување на оваа пракса за добивање информации преку која се олеснува пристапот на новинарите за цели кои се поврзани со нивната истражувачка работа, туку само за наоѓање начин како законски да се официјализира.

„Инсистираме на што побрзо уредување на ова прашање и се надеваме дека нема да се одолговлечи. Од Владата велат дека прашањето наскоро ќе се реши и очекуваме во интерес на заложбите за транспарентност, новинарите да продолжат јавните документи да го добиваат брзо, ефикасно и без дополнителни трошоци“ е ставот на ЗНМ.