Четврта ноќ по ред во Париз продолжија жестоките судири меѓу полицијата и демонстрантите, при што биле уапсени повеќе од 400 лица. Многу продавници биле ограбени, а биле запалени и автомобили и покрај силното полициско присуство. Франција распореди 40 000 полицајци низ целата земја, но тоа не го спречи избувнувањето на насилството.
Немирите започнаа во вторникот, откако полицаец уби 17-годишното момче од алжирско-мароканско потекло, Нахел М, кое се обидело да се оддалечи кога го спречила полицијата. Полицаецот кој пукал во Нахел му се извини на семејството. Тој е обвинет за убиство, а неговиот адвокат тврди дека е „уништен“.
Од Лил на север до Марсеј на југ, синоќа повторно биле нападнати јавни згради, продавници и возила. Во Рубиакс, гостите во хотелот биле принудени да излезат на улица откако зградата се запалила.
Немирите беа интензивни во регионот на Париз, при што групи демонстранти се судриле со полицијата во Нантер и други предградија. АФП пренесува дека некои демонстранти користеле импровизирани гранати.
Францускиот претседател Емануел Макрон не прогласи вонредна состојба поради насилните немири во земјата по убиството на тинејџер од страна на полицијата, но најави серија мерки насочени кон спречување на насилството.
Во кратката изјава по кризната средба на државниот врв поради немирите во земјата, Макрон рече дека смртта на младиот човек за кој се протестира е „инструментализирана“. Тој ја осуди „неприфатливата експлоатација на смртта на адолесцент“ и насилството, додавајќи дека „актуелната ситуација е неприфатлива и неоправдана“.
Како мерка најави дека ќе испрати уште повеќе полицајци на улица, а родителите да не пуштаат малолетници во вечерните часови. Тој тврди дека „не е одговорност на државата, туку на родителите да ги држат децата подалеку од неред“.
Тој рече дека и социјалните мрежи играат улога во поттикнувањето на насилството и дека ќе побара отстранување на „најчувствителните видови“ содржини.












