ТЕРА

REKLAMA???

Протест на македонските камионџии

Пред Делегацијата на Европската Унија во Скопје денеска протестираат македонските превозници.

Организирани од „Макам-транс“, од 12 до 14 часот со дваесетина товарни возила ќе испратат предупредување до Брисел – професионалните возачи да добијат решение за ограничениот престој во Шенген-зоната.

Проблемот е правилото 90/180, според кое државјани на трети земји можат да престојуваат најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена.

За превозниците, ова значи неизвесност, проблеми на границите и ризик за нивното работење.

Протестот доаѓа во пресрет на утрешниот состанок на работната група во Брисел. Од него превозниците очекуваат конкретно, преодно решение.

„После седум месеци сè уште не е надминат проблемот со престојот. Бидејќи септември е почеток на работите, сакаме да испратиме јасна порака – да се направи нешто.“  вели претсетаделката на Макамтранс Билјана Муратовска.

Истовремено, протести на превозници се одржуваат и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Од „Макам-транс“ велат дека во изминатите седум месеци не виделе доволно добра волја од Европската Унија за решавање на проблемот.

Од Владата, пак, уверуваат дека преземаат мерки во рамките на своите можности.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски минатата недела најави нови билатерални договори со земји од Шенген-зоната. Според Николоски, договори веќе има со Швајцарија, Хрватска и Романија, а во следниот период се очекуваат разговори и со Австрија, Словенија и Германија. Целта, вели тој ,  е да се покријат најфреквентните транспортни рути по кои се движат македонските превозници.

Но, превозниците сметаат дека билатералните договори не се доволни и бараат системско решение на европско ниво. Според нивните информации, околу 17 илјади професионални возачи од Македонија се погодени од проблемот. На ниво на Западен Балкан, бројката достигнува околу 100 илјади.

Дополнителен проблем, велат, е различното толкување на правилото на граничните премини.

Од „Макам-транс“ предупредуваат дека околу половина од возачите одбиваат да возат, поради страв од проблеми на границите, депортација или неизвесност околу тоа колку долго може да останат во Шенген-зоната.

Доколку утрешниот состанок во Брисел не донесе преодно решение, превозниците најавуваат нови протести.

Предложено е на 14 септември да има протести на граничните премини во секоја од земјите одделно.