По вчерашните неуспешни преговори на СОНК со министерството за образование, штрајкот денеска продолжи. Од регионалниот одбор на СОНК за Битола, Ресен и Демир Хисар велат дека четвртиот ден тече мирно како и претходните денови.
-Ситуацијата е секаде иста, претседателите на синдикалните организации ме информираат, мал е бројот на колеги кои не сакаат да штрајкуваат. Масовна е поддршката, ова е најмасовен штрајк, вели Тони Чавдаровски, претседател на СОНК за Битола , Ресен и Демир Хисар.

Дали има притисоци?
-Во основните и средните нема, многу се мали, не се забележливи, за просториите само. Најмногу притисок имаше во една градинка, во Пролет, вели Чавдаровски.
Како ќе се дополнуваат изгубените часови?
-Изгубените часови ќе се надополнуваат во договор со Министерството, ако треба ќе ја продолжиме годината, може да се скрати и програмата, вели тој.
После вчерашните неуспешни преговори, утрово претседателот на синдикатот Јаким Неделков со порака дека наместо наоѓање на решение на проблемот, Министерството за труд и социјална политика врши обид да ги заплашува штрајкувачите во градинките со разноразни дописи. Понатаму во својот фејсбук статус Неделков објави и стихотворба за синдикатот.
Владата ги повика просветарите да се вратат на работа додека траат преговорите со Синдикатите.
Децата и образовниот процес не треба да бидат жртва во оваа ситуација кажа министерот Јетон Шаќири.
Во 25 градинки во државата воопшто не се штрајкува. Штрајкуваат останатите 50 установи, односно 45 проценти заклучно со вчерашниот ден. Сите градинки функционираат речиси нормално, нема затворена градинка, истакна министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
За можноста штрајкот да се прекине, како што бараат МОН и МТСП, Неделков истакна дека тоа е одлука на членството кога ќе добијат предлог за зголемување на платите.













