Поранешното кино „Партизан“ ќе стане нов мултифункционален простор во градот најави денеска министерот за култура Зоран Љутков во тек на денешната посета на националните установи во градот. Во соработка со градоначалниците во државата се определува стратегијата за туризам којашто ќе биде важечка во тек на следната година, а долгот на театарот – откако ќе биде утврдено дека нема ненаменски потрошени пари, ќе се решава.

Неколку години со ред се најавува реконструкција на просторот некогаш дел од битолската Учителска школа , а потоа кино „Партизан“. Министерот за култура и туризам на Македонија Зоран Љутков денеска најави дека за многу скоро, можеби и до крајот на овој месец, ќе започнат градежните активности.
„Веројатно во наредниов период и можеби до крајот на месецов ќе почнеме со работа но би сакал да кажам дека уште еден голем капитален проект кој што е важен за Битола, а тоа е киното „Партизан“; пред две недели го потпишав Договорот, избран е изведувачот, избран е надзорот. Одобрениот буџет е 94 милиони денари или некаде околу 1,5 милиони евра. Договорот е потпишан, сите постапки се завршени и претпоставувам дека во наредниве 15 дена ќе дојдам повторно во Битола за да го означиме стартот на реконструкција и санација и адаптација на старото кино „Партизан“.

Во април годинава владата ја усвои Програмата за изградба и реконструкција на објекти што ги користат јавните установи во областа на културата, вклучително и кино Партизан. Идејата е просторот да биде мултифункционален, а надлежноста за спроведување освен на министерството е и на битолскиот театар. Но, директорот на театарот неодамна на прес соопшти дека театарот е во долг од 4 милиони денари.
„Секој директор е должен кога ја презема функцијата во примопредавањето да ги види обврските коишто се останати од претходниот директор. Тие средства некогаш се оправдани, некогаш се неоправдани. Така што работа е на директорот и на институциите да го истражат овој случај, да видиме дали тие средства се неоправдани, доколку е така следуваат и тужби итн. доколку се оправдани ние сме должни како министерство за култура и туризам во наредниот период да ги покриеме тие трошоци кои се направени за да може институцијата функционира нормално и директорот да има нормален четиригодишен мандат.

Инаку, министерот Љутков денеска беше во работна посета на неколку од националните установи кои функционираат во Битола, а се задржа во Завод и Музеј, кадешто во изминатиот период се реализирани проекти кои се во функција и на културната политика и туристичката понуда.
„Во Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Битола реализиран е проектот за реставрација на предната фасада за којашто се одвоени 1.200,000 денари, годинава ќе се реализира и партерното уредување на лапидариумот вреден некаде околу 1.400,000 , реновирана е како што може да видите сувенирницата којашто е всушност направена од споствени приходи на Завод и Музеј и тоа е многу добро за туристичката понуда којшто треба да ја има Битола и нам како министерство за култура и туризам ни оди во прилог да се преземаат вакви чекори. “ -рече денеска Љутков.
Во тек на постетата, освен директорите на соодветните институции, го придружуваше и градоначалникот Тони Коњановски. Културата во функција на туризмот како развиена индустрија е во неговиот фокус.

„Нема сомнеж дека Битола е центар на културата во Република Македонија, тоа го покажуваат и 7те национални установи кои гравитираат во овој регион , седум национални установи. Со оглед на тоа дека туристичката понуда која е многу значајна и којашто сите овие установи ја нудат, многу значи за градот. Не сум задоволен до крај колку може да постигнеме или пак дека сме достигнале максимум, но бројот на туристи кој секој ден се зголемува е на наше задоволство. Ние само треба да ги прифатиме, да им понудиме добра програма и секако престој барем еден ден во нашиот град, да ги задржиме. Тука хотелиерството треба малку повеќе да се ангажира , приватните стопанственици кои треба да ја дадат понудата и кај ноќевања и во делот на кулинарството итн. “ – зборуваше градоначалникот Коњановски.
Министерот за култура и туризам денеска информираше и дека со работа ќе претстане Агенцијата за туризам и дека минисерството во соработка со градоначалниците изработува документ Стратегија за развој на туризмот во Македонија што ќе функционира од следната година.

„Тоа не е само работа на министерството туку е и работа и на локалната самоуправа и на директорите коишто се назначени и од локалната самоуправа и од министерството како што се на националните установи секој во своите надлежности со една заедничка стратегија треба да ги брендираме и да ги развиваме своите градови. Битола веќе е многу напредната во тој аспект и градоначалникот тоа што го има направено во овие четири години и директорите на локалните установи и програмите коишто ги имаме одобрено , мислам дека заеднички правиме и сум информиран од многу институции каков прилив има и од туристи и каков прилив има на сметките на институциите. И , тоа што морам да го кажам е важноста на одговорноста на директорите на институциите да постапуваат, не само по програмите на министерството за култура и туризам и да ги трошат парите од сметките и да инвестираат во сопствените институции. “ – рече денеска министерот Зоран Љутков.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска ги посети Националните установи Центар за култура, Завод и Музеј и Народен Театар.












