Како дел од програмата на БИТ ФЕСТ, и дел од 52 издание на Фестивалот „Илинденски денови“, по повод навршувањето на 100 години од раѓањето на уште една многу важна личност во македонската музика, Тале Огненовски, човекот кој ги поставил темелите на македонската традиционална музика изведена на кларинет, беше промовиран научниот труд, чиј автор е реномираниот музичар и професор Благојче Трајковски, како и промовиран краткиот документарен филм, посветени на ликот и делото на легендарниот кларинетист.

Огненовски беше еден од ретките кларинетисти кои успешно настапиле и со чалгија и со помодерен стил, роден во 1922 година во Битола, и еден од највлијателните музичари. Тој беше член на ансамблот Танец во 1950-тите години и беше солист на кларинет на оркестарот “Чалгија“ на “Радио Скопје“. Тој е композитор на многу музички мелодии што станаа стандарди и што е основа за сопствената нова компонирана народна музика во Македонија.

Во филмот за делото на Огненовски зборуваат и други значајни луѓе за македонската музика меѓу кои:Оливер Јосифовски и Вера Милошевска од Љубојна, Мите Димовски, продуцент / композитор, Стојан Трајковски кларинетист и Благоја Дескоски, виолинист – композитор.
Во првиот дел од монографијата Благојче Трајковски го опфаќа животниот пат на Огненовски а во вториот дел сместен е музичкиот творечки опус каде до израз доаѓаат шеесетина дела.
Тале Огненовски како солист на кларинет ги изведуваше македонските народни ора „Женско Чамче“ и „Беранче“ со ансамблот „Танец“ во филмот „Ритам и звук“ во продукција на Вардар филм од 1955 година. Тој е и автор на книгата „Македонски ора“која содржи музичка нотација од 68 композиции за кларинет компонирани и аранжирани од него.












