102 првачиња помалку се запишале годинава во однос на минатата во 12 -те основни училишта во Битола. Ако минатата учебна година 2021/2022 почна за 871 прваче, годинава 2022/2023 според статистичките податоци од Одделението за образование при Општина Битола од септември во школските клупи ќе седнат 769 првачиња. Најмногу првачиња се запишале во ОУ „Св.Климент Охридски“ 130, иако и во споредба со ланската година се 9 првачиња помалку. Најалармантна е состојбата во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ каде годинава дури 53 првачиња се помалку од минатата година.
Во ОУ „Кирил и Методиј“ годинава се 8 првачиња повеќе од лани
Во ОУ „Коле Канински“ 5 помалку првачиња во споредба со минатата година
Во ОУ „Гоце Делчев“ 32 првачиња помалку
Во ОУ „Трифун Пановски“ 7 првачиња повеќе споредено со минатата година
Во ОУ „Тодор Ангелевски“ едно прваче повеќе од лани
Во ОУ„Ѓорѓи Сугарев“ 53 првачиња помалку од лани
Во ОУ „Елпида Караманди“ 4 повеќе првачиња од лани
Во ОУ „Даме Груев“ едно прваче помалку од лани
Во ОУ„Св.Климент Охридски“ 9 помалку првачиња од минатата година
Во ОУ„Стив Наумов“ 24 првачиња помалаку од лани
Во ОУ„Александар Турунџев“ 5 првачиња повеќе од лани и
Во ОУ„Крсте Петков Мисирков“ годинава има три првачиња помалку од лани.
Вчера битолските советници дадоа согласност за формирање на паралелки со помал број на ученици во основните и средните училишта во градот.

„За жал Општина Битола се соочува со се помалку деца, тоа ни се случува и на ниво на држава, тоа е заради намалувањето на бројот на деца во основното образование, а во средното образование дополнителни причини се и бројот на освоени поени и дуалните паралелки, бидејќи знаете дека во средно училиште се запишуваат ученици коишто учеле различен втор јазик и имаме дуални паралелки и тоа е една од причините плус за намалување на бројот на деца“, рече Габриела Илиевска, претседател на Совет.

Од ВМРО ДПМНЕ велат дека носењето на ваквата одлука за формирање на паралелки со помал број на ученици е редовна пракса на советот.
„Тоа е редовна пракса која Советот ја носи. Секоја година намалениот број на деца во основно и средно образование, за тоа сме свесни, и ваквите одлуки се носат секоја година во летниот период, пред отпочнувањето на школската година“, рече Бојан Бојкоски, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Два моменти се важни за носењето на одлуката, велат од СДСМ
„Се помал е бројот на ученици кои треба да се запишат во средните училиштата, а другиот момент е дека многу од учениците сакаат да учат во неколку училишта во нашиот град, а знаеме дека ние имаме 7 до 8 училишта, така што ќе се потрудиме да дадеме шанса на сите да се запишат таму кај што сакаат“, рече Методија Илиевски, советник од СДСМ.

За Левица ваквата одлука на Советот од една страна е добра, а од друга страна е политичка.
„ И покрај тоа што имаме мали деца треба да се направат мали паралелки, па некаде од 10 до 12 ученици ќе дојдат во паралелка, јас мислам дека од една страна е убаво, а од друга стрна е од политички аспект поради тоа што локалната власт е приморана да си ги изврши своите задачи врз вработувањата“, рече Горан Велевски од Левица.
Според конкурсот на МОН во средните училишта во Битола во прва година треба да се запишат 1452 ученици.












