Јануари е месецот во кој се одбележуваат 114 години од раѓањето на истакнатиот македонски композитор и диригент, Тодор Скаловски – знаменит претставник на првата генерација македонски повоени композитори и еден од клучните двигатели на културниот живот во Македонија. Тој е автор на музиката на македонската државна химна „Денес над Македонија“.
Роден бил во Тетово на 21 јануари 1909 година. Дипломирал на Музичката школа во Белград. Диригентско искуство подоцна стекнал кај Ловро Матачиќ и на Конзерваториумот “Моцартеум” во Салцбург. Веднаш по ослободувањето во Скопје го основа и раководи првиот Државен симфониски оркестар и првиот полупрофесионален хор.

Во 1948 година станува директор и прв диреигент на новооснованата Опера во Скопје. Истовремено тој е главен музички уредник и помошник директор на Радио Скопје. Еден е од иницијаторите за основање на Македонската филхармонија и нејзин директор. Скаловски е еден од основачите на Друштвото на композиторите и Друштвото на музичките уметници на Македонија и нивни долгогодишен претседател.
Како симфониски диригент Скаловски диригирал во сите поголеми градови во Југославија, како и во странство. Како композитор Скаловски има високи достигнувања особено во хорското музичко творештво. На познати меѓународни и југословенски музички фестивали се изведуваат негови хорски творби. Автор е на голем број инструментални, вокални, вокално-инструментални и сценски композиции, тука се вбројуваат: „Македонска хумореска“, „Величанија Кирилу и Методију“, „Песна за Гоце“, „Молитва“ (музиката е напишана врз стихови на Блаже Конески, во 1967 година).
Тодор Скаловски има поголем број одликувања и награди меѓу кои: Орден на трудот со црвено знаме; Ноемвриски наргради на градот Тетово и Октомвриска награда за животно дело; републички награди за “Македонско оро”, “На Мечкин камен” и сојузна за “Македонско оро”, “Рапсодија ИИ ” и “Лик земја да смени”.
Композицијата “Македонско оро” има шест изданија во земјата и едно во Советскиот сојуз.
Се вбројува меѓу иницијаторите и основачите на неколку значајни меѓународни културни манифестации, меѓу кои е и фестивалот Охридско лето.
Скаловски беше член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).Починал на 1 јули 2004 година.












