ТЕРА

REKLAMA???

116 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ПЕТРЕ ПРЛИЧКО

На 13.03. 1907 година во Велес бил роден еден од најекспонираните и најпопуларни актери во историјата на македонскиот филм и театар, Петре Прличко. Легенда која зад себе остави огромно актерско творештво, а одбележал и неколку скалила од развојот на актерското мајсторство во Македонија. Неговата ненадмината актерска харизма остави неизбришива трага во македонскиот театар и филм од 20 век.

На 16 години, обземен од магијата на театарот, воодушевен од уличните актери и нивната енергија, ја напуштил гимназијата и се приклучил на патувачката група на Михајло Лазиќ – Чича која настапувала од град во град. Првата дебитантска улога ја добил во претставата „Бој на Косово“, по која тајно побегнал од дома, се качил на вози и го започнал седум децениското актерско патување.

Бил дел од различни патувачки театри, а нешто подоцна во 1930 година и самиот оформил театар нарекувајки го „Боем“. На овој начин живеел се до неговите 32 години, кога по долги 16 години патувајќи со групата, го добил првиот професионален ангажман во тогашното Народно позориште „ Краљ Александар I“ – денешен Народен театар во Скопје.

Петре ќе биде запаметен по неговите улоги во театарските претстави „ Сомнително лице“, „Црнила“, „Коштана“, „ Швејк во втората светска војна“ и многу други, а 1961 година се бележи како една од најплодните години во неговата филмска кариера, откако ќе се појави во првата македонска комедија „ Мирно лето“ режирана од македонскиот режисер Димитрие Османли. Во неговата богата актерска биографија се впишани и бројните главни улоги во култните филмови „Фросина“, „Мис Стоун“, „Солунските атентатори“, „Македонска крвава свадба“ и многу други.

Иако до сега нема објавена точна бројка, се верува дека Прличко одиграл над 8 илјади претстави и толкувал над 500 улоги, снимил 32 филма, напишал 6 драмски текста и 11 драматизации.

Добитник е на многу награди и признанија а меѓу позначајните се – наградата „Златна арена“ за главна машка улога во филмот „Мис Стон“, и наградата „Славица“ за животно дело која му била доделена во Ниш 1991 година.

Петре Прличко одиграл и голем број улоги во филмовите на другите балкански продукциски куќи, а до денес се уште не постои актер од европската театарска историја која воопшто може да му парира. Починал во Скопје на 16 ноември 1995 година.

Во негова чест од 2006-та година се доделува наградата за животно дело за глумци од средната генерација „Петре Прличко“ која се состои од плакета со неговиот лик и парична награда, а по повод 100 годишнината од неговото раѓање, Македонска пошта издаде почесна марка со неговиот лик.