Таксират Фестивал го најавува вториот ден од главната програма на овогодинешното издание, како најмоќната техно епизода досега која ќе донесе нешто сосема ново во фестивалското искуство – прва 12-часовна техно журка што ќе започне во 13:00 часот и ќе трае до 01:00 по полноќ.
На 7 декември во Арена „Борис Трајковски”, ќе настапи еден од хедлајнерите на годинашниот Таксират, SVEN VӒTH – живата легенда што ги постави техно темелите на глобалната сцена, музички пионер, визионер и култен уметник кој сѐ уште го диктира пулсот на водечките светски подиуми.
Во истиот ден кога на главната бина ќе настапи легендарниот Sven Väth, македонската техно сцена ќе биде претставена со внимателно одбрана листа на домашни изведувачи кои ќе се погрижат за непрекинат бран на беспрекорен електронски звук: Mongo b2b Omaru, Wish.ko, Maci, Christian HSS, Petko.ov, Avramoski, Dodevski, Lesya b2b Diah и Pass-N–G–R.
Со оваа програма, Таксират воведува нов формат кој ја поврзува дневната и ноќната фестивалска атмосфера, овозможувајќи континуирано доживување од 12 часа. Новиот концепт претставува чекор напред во развојот на домашната електронска сцена и создавањето простор каде што локалните диџеи настапуваат рамо до рамо со највлијателните артисти во светската историја на електронската музика и клабинг културата.
Ова е воедно и заокружување на главната програма која ќе започне ден претходно со настапите на Onyx, Lacuna Coil, Ezhel, Дубиоза Колектив, ЛД Пистолеро и многу други. Покрај Главната програма која ќе се одржува на 6 и 7 декември во Арена „Борис Трајковски”, во рамките на ТАКСИРАТ 2025 веќе се најавени и концертот во чест на Влада Дивљан на кој на 17 ноември во Филхармонија ќе настапи неговата група „Невладина Организација” заедно со Кирил Џајковски и Констракта како специјални гости; потоа, музичката конференција ПИН која со бесплатен влез за посетителите ќе се одржува од 27 до 29 ноември во МКЦ каде што пак, на 15 декември ќе се одржи и првиот самостоен концерт на Буч Кесиди.
Влезниците и деталите за ТАКСИРАТ се достапни на официјалната веб-страница taksirat.mk .













