ТЕРА

REKLAMA???

163 ГОДИНИ ОД ДОБИВАЊЕТО НА „ЛОВОРОВИОТ ВЕНЕЦ“ ЗА ПРЛИЧЕВ

Пред 163 години, Прличев во Атина ја добил наградата „Ловоров венец“. Имено На 25 март 1860 година, на традиционален конкурс во Атина, Прличев за поемата „Сердарот“ ја добива големата награда  за најдобра поема. Поемата излегла од печат истата година, а тој од стручната критика е наречен втор Хомер.

Поетската творба „Сердарот“ („О Арматолос“) се смета за апсолутен врв на сиот влог што го дал во уметноста на зборот овој творец. За книжевната наука оваа поема треба да се разгледува во контекстот на европската теорија на романтизмот. Дел од наградата било и бесплатно студирање во Берлин или Оксфорд, но таа награда Прличев можел да ја добие само ако се откаже од сè словенско во него – и тој ја одбил.

Според македонската енциклопедија, Григор Прличев е писател кому Македонија му е и љубов, и судба, и болка, и очај, и неопходност, и тага, и лулка, и гроб. 

Поемата е сочинета од 228 строфи со по четири стиха (катрени), од кои првиот и третиот стих се петнаесетерци, а вториот и четвртиот осмерци. Во неа мотивот и версификацијата (градбата на стиховите) се под влијание на народната македонска поезија, додека стилските особености — сложените епитети, мотивите и ликовите од грчката митологија, опширната епска нарација, описот на оружјето, на двобоите и градењето на ликовите се под влијание на Хомер.

Неговата родна куќа во Охрид на 6 февруари 2000 година, на големиот Прличев народен собир, беше отворена и возобновена и сега е меморијален музеј на Григор Прличев во сопственост и на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид.