ТЕРА

REKLAMA???

19 различни пестициди идентификувани во дивиот растителен свет во Преспа

Во рамки на Програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“ на Македонското еколошко друштво, тим на истражувачи од Фармацевтскиот факултет во Скопје, предводен од студентката Јована Данова и под менторство на проф. д-р Крсте Ташев, реализираа истражување со цел да одговорат на прашањето дали постои секундарна контаминација со пестициди на диворастечката флора во Преспанскиот регион, вклучувајќи го и островот Голем Град, соопшти Македонското еколошко друштво.
Истражувањето беше спроведено во две временски фази – во пролет и есен, при што беа собрани примероци од различни локации околу Преспанското Езеро со различна оддалеченост од земјоделски насади. Првичните анализи покажаа дека во Преспа постои секундарна контаминација со пестициди, а притоа беа идентификувани вкупно 19 различни пестициди во двата периоди на годината.
Во пролет беа идентификувани 10 пестициди, а во есен 12 пестициди. Најмногу пестициди беа пронајдени во примероците од околината на Претор и Ресен. Кај примероците од Крани беа детектирани пестициди во текот на пролетта, но истите отсуствуваа во есенските анализи, додека пак обратната ситуација беше детектирана кај примероците од Стење. Меѓутоа, важно е да се забележи дека кај примероците од крајбрежјето во близина на Стење, како и кај оние од островот Голем Град, не беше детектирано присуство на траги од пестициди ниту во пролет, ниту во есен – согласно прелиминарните резултати, информираат од таму.
Додаваат дека од сите анализирани пестициди во најголема концентрација се издвојуваат Ацетамиприд, Пириметанил и Пираклостробин, кои се јавуваат и во двата периоди од годината. Ова истражување ги дава првите резултати на оваа тема и ја потенцира потребата од понатамошни сеопфатни испитувања со цел да се заштити здравјето на дивите растенија, животните, но и на луѓето.
Исто така потсетуваат дека за сите заинтересирани млади еколози кои сакаат да спроведат слични научно-истражувачки проекти, новиот конкурс на Програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“ за мали и средни грантови е веќе отворен и достапен на следниот линк: https://mes.org.mk/…/povik-za-mali-i-sredni-grantovi…/