ТЕРА

REKLAMA???

ПРОМОВИРАН ФИЛМОТ „1000 ГОДИНИ СВЕДОК НА СВЕТЛИНАТА“

Во Македонски народен театар се одржа премиерата на документарниот филм „1.000 години-Сведок на светлината“, во режија на Илија Ико Каров, филм посветен на Бигорскиот манастир, по повод големиот јубилеј на манастирот, кој го доловува духовниот монашки континуитет низ вековите. Документарниот филм „1.000 години – Сведок на Светлината“ на „Кат продукција“ е сниман речиси пет години.

Дел од екипата која го работеше филмот беше и битолчанецот Никола Грнчаров кој беше во улога на снимател и асистент на монтажа. Рецензијата за филмот ја напиша битолчанецот м-р. Влатко Деловски етнолог и културолог кој вели:

„Филмот има врска со најдлабокиот бит на човечката природа – со вистинитоста на човекот. Затоа, неслучајно, за почеток е избран еден стих од една моја песна која говори токму за автентичноста: Кога љубите, ако не љубите, не велете: „те сакам“, оти се познава. Филмот е автентичен во доживувањето на верата и благодатта и на еден начин претставува тајна која постојано ни се открива. Кога едно искуство е духовно автентично, тогаш тоа ја отвора големината на делото, додека, пак, кога е неавтентично – лажно, конкретно за филмот, му пречи да дејствува во човековиот живот, оти ја затвора неговата транспарентност. Токму затоа автентичноста е неопходен услов за добар филм, каков што, впрочем, е и овој. Каков-годе да е филмот, не е голем затоа што може да постигне многу, туку затоа што преку него можат да се откријат големи нешта. Тој е складен со традицијата и наративот, но има и нешто ново и оригинално, нешто свое. Без овие нешта хоризонтот на филмот останува затворен или сувопарен“. Режисерот на филмот, кој воедно е и сценарист на истиот, Илија Ико Каров, вели дека овој филм говори за љубовта, постоењето, заборавените вредности, духовната преобразба и е морално патување нагоре кон вечноста.

Каров вели дека кога го работел филмот, земајќи го предвид секојдневието во кое сме нападнати од секакви идеологии и пораки, почувствувал дека тоа е едно морално патување, ниту кон минатото, ниту кон иднината, туку нагоре кон вечноста.

– „Тоа што имено ние го доживеавме таму не беше наша привилегија, туку Бигорскиот манастир е отворен за сите и тоа е едноставно нешто што секој има право да го добие својот дел од него. Да го добие својот одговор, конкретно за мене беше едно патешествие кон вистината, кон светлината и ништо помалку од тоа“, оценува режисерот.

Во рецензијата на филмот се вели дека е автентичен, вистинит, во неговата срж е љубовта. Режисерот вели:– „За пораката на филмот нема да говорам, затоа што тоа би подразбирало да го раскажам филмот. Така што тоа ќе остане една мала енигма која ќе им ја оставиме на гледачите да ја откријат. Јас само би ви одговорил вака – на секои илјада години во Бигорскиот манастир процутува по еден цвет, којшто сведочи за една друга убавина, не од овој свет. Тоа е токму оној петтиот елемент, кој им дава потекло на сите оние познати четири елементи, тоа е онаа убавина којашто многу просветлени и филозофско освестени луѓе ја сместиле во центарот, како есенција на мудроста. И овој филм е токму за таа убавина што веќе еднаш го спаси светот“.

Како актер во филмот се појавува Благој Веселинов, кинематографер Илија Жоговски, монтажер Бранко Блажески и Горан Костадинов, автор на музика Горан Трајкоски. Сниматели Никола Грнчаров, Кристијан Тодоровски, Александар Ивановски, Стојан Стојановски, Александар Пауновски, Томе Љушев, 3Д анимација Ѓорѓи Димовски .

На премиерата, покрај монашката заедница од Бигорски манастир, предводена од отец Партениј, присуствуваше поглаварот на Македонската православна црква Охридска архиепископија г.г  Стефан, претседателот Стево Пендаровски и др.

Еден од снимателите Томе Љушев- Шпанец од Охрид, во 2017 година го освои Златниот медал УНИКА на 25-от Фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“, што се одржа во Битола.