Оваа година МКЦ – Битола по осми пат се вклучува во одбележувањето на Меѓународниот ден на џезот, со организирање на концерт на Тони Китановски Трио во сабота, 30ти април 2022 година, во кафе бар Porta Jazz во Битола со почеток во 12.30 часот.
Младинскиот културен центар – Битола (официјален УНЕСКО младински клуб), реализира континуирани активности во текот на целата година во насока на промовирање на човековото достоинство, охрабрување на дијалогот и разбирањето помеѓу културите и цивилизациите.
Настанот кој е во организација на Младински културен центар – Битола (официјален УНЕСКО младински клуб) во соработка со Порта Џез, е поддржан од Општина Битола. Овој настан е дел од глобалната акција за прослава на Меѓународниот ден на џезот кој вклучува над 1000 настапи и концерти во преку 190 земји во светот.
Во ноември 2011 за време на Генералната конференција на УНЕСКО, меѓународната заедница го прогласи 30 април за Меѓународен Ден на џезот. Целта на прогласувањето на Меѓународниот Ден на џезот е зголемување на свеста кај меѓународната заедница за вредностите на џез музиката како едукативна сила, алатка за промовирање на мирот, заедништвото, дијалогот и зајакната соработка помеѓу луѓето. Денот на џезот за прв пат e прославен во април 2012 година под лидерство на Херби Хенкок, една од легендите на светската џез сцена и Амбасадор на добрата волја на УНЕСКО.
Неда Маретиќ













