ТЕРА

REKLAMA???

Советот како „Битола Ерлајнс“ – за нецели два часа прелета преку 23 точки, граѓанските интереси останаа приземјени!

Битолската јавност денес беше сведок на уште еден политички феномен и рекордно брзо трошење на довербата на гласачите. Денешната 14. седница на Советот на Општина Битола, на чиј дневен ред беа поставени 23 точки од големо значење за градот, заврши за нецели два часа, вклучувајќи и десетминутна пауза.

Наместо конструктивна дебата, аргументирана расправа и борба за секој денар на граѓаните, советниците се однесуваа како патници кои брзаат да го фатат последниот воз или слободна маса во некое од битолските шик кафулиња или кафанчиња.

Во улога на капетан на овој експресен лет беше претседателот на Советот, Бојан Бојкоски. Со тон кој неодоливо потсетуваше на пилот на нискобуџетната „Визер“ кој механички ги соопштува дестинациите, временските услови и безбедносните протоколи пред полетување, Бојкоски буквално прелета преку дневниот ред. Под негова палка, точките се редеа и се гласаа со брзина на светлината, додека советниците од сите политички провениенции послушно ги креваа рацете, без желба и потреба за расправа.

На дневен ред беа завршните сметки на спортските гордости – ФК Пелистер, КК Пелистер и РК Пелистер Еурофарм. Спортските клубови кои трошат милионски суми од општинскиот буџет и за кои битолчани живеат, не заслужија речиси никаква дискусија, со исклучок на бледиот обид да се каже нешто за фудбалскиот клуб. Годишните планови за вработување во неколку училишта поминаа како на лента, без ниту еден советник да праша или да каже каков кадар се вработува.

Врв на скандалот и апсурдот се случи кога на ред дојде Акцискиот план на Локалниот економско-социјален совет на Општина Битола за периодот 2026-2029 година. Станува збор за стратешки, исклучително важен документ кој треба да ја трасира иднината на Битола во следните четири години, да понуди решенија за економскиот развој, пазарот на труд и социјалната сигурност на граѓаните. Резултатот? Ниту еден советник не се јави за збор! Ниту една реплика, ниту една сугестија, ниту една критика. Целосен, заглушувачки молк од оние кои се платени со парите на битолчани за да бидат нивниот глас во општинската зграда. Иднината на градот беше запечатена за помалку од една минута.

На крајот, авионот на “Битола Ерлајнс” безбедно слета. Но, не во интерес на граѓаните, туку веројатно во најблиското кафеанче, каде советниците на раат ќе си го испијат попладневното кафе или ракија, задоволни од „тешката и напорна работа“ која ја завршија за само 110 минути.

Додека тие успешно се приземјија, се урнаа надежите на битолчани дека некој во таа општинска сала навистина се грижи, ги застапува и се бори за нивните интереси. Денешната седница покажа дека за локалните политичари, Советот е само формалност и писта за брзо минување, додека вистинските проблеми на градот останаа заглавени во облаците и маглата.