8-мина загинаа во Вејце, 4-ца припадници на македонската армија и 4-ца припадници на македонската полиција. На 24 годишнината од масакрот денеска оддадена почит и положено свежо цвеќе на споменикот на загинатите бранители во кругот на СВР Битола.
Почит оддадоа членови на семејствата, но и бројни делегации на министерството за внатрешни работи, министерството за одбрана, делегација од Армијата на РМ, колеги на загинатите, претставници на синдикатите на полицијата, ИПА регион Битола, пратеникот Пеце Милевски, градоначалникот Тони Коњановски, претседателката на Советот на општината Габриела Илиевска, советници од политичките партии кои партиципираат во работата на Советот, други политички субјекти-политички партии, здруженија на бранители од конфликтот, здружение на воени ветерани, инвалиди, претставници на соборците, професионални здруженија кои работат на меѓународно ниво.
Свежо цвеќе беше положено и кај Споменикот на бранителите „ Ангел“, што е спомен обележје на сите загинати бранители од Битола и битолско во конфликтот од 2001 година. Споменикот претставува ангел со издигната рака вперена кон небото. Висок е повеќе од четири метри. Посветен е на Илче Стојановски, Бошко Најдовски, Кире Костадиновски и Марјан Божиновски кои загинале во масакрот кај Вејце и Благојче Силјанов, Влатко Миленковски и Пеце Матичевски кои ги загубиле животите на 5 јуни 2001 година.
На денешен ден пред 24 години, терористите од ОНА од заседа убија 8 припадници на македонските одбранбени сили во воениот конфликт од 2001 година во Македонија.
Загинате беа на возраст меѓу 24 и 30 години
Масакрот кај Вејце е најкрвавиот и најбрутален масакр во поновата историја на Македонија. Иако нападнати од заседа и во безизлезна правлива кривина, на планинскиот пат помеѓу селата Селце и Вејце – тетовско, војниците и полицајците давале получасовен отпор, бранејќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија.












