Триумфално заокружувајќи ја програмата на маратонското издание, заврши овогодинешниот, исклучително успешен ТАКСИРАТ – најголемиот музички фестивал во државава! До раните утрински часови, во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје се одржуваше главната вечер на Фестивалот и тоа со осумчасовна програма и настапи на 12 музички ѕвезди пред повеќе од 7000 посетители од Македонија и сите соседни земји. Заедно со дополнителната офф-програма, ова, дваесет и четврто издание на ТАКСИРАТ го надмина сопствениот рекорд на посетеност и според првите проценки, кумулативно повеќе од 27.000 посетители уживаа во најдолговечниот и најголем македонски зимски музички настан.

Предизвикот да ја отворат главната фестивалска вечер и први да ја загреат атмосферата на главната бина годинава припадна на едно од најзначајните имиња на македонскиот хип-хоп – Зад аголот.
Со енергичен настап и за прв пат во Македонија, својата висока репутација ја потврдија и ветераните на светската треш-метал сцена, гигантите Содом, кои прославија 40 години кариера.
Следен беше атрактивниот настап на еуфоричниот каталонски ска-румба бенд Ла Пегатина. Публиката во Македонија имаше прилика за прв пат да се запознае во живо и со британската трап-џез сензација Ај ем Диди Би.
На втората бина „Трапсират“ настапија Јанг Дади, Баша, Хиљсон Мандела, Принцес Донатсу и Донплеја.
Арената беше веќе целосно исполнета во моментот кога на сцената застана најпопуларното инди-поп дуо во регионот – Буч Кесиди. Врвот на вечерта беше веднаш потоа, фестивалот вриеше благодарение на атмосферата која завладеа под знамето на најголемиот симбол на берлинскиот техно-храм „Бергхаин“, врвниот продуцент и диџеј Бен Клок. Завесата на осумчасовната журка на „Таксират“ ја спушти најпрепознатливиот претставник на македонската клупска сцена Нино Флудер.
„Пасворд Продакшн“ како организатор на фестивалот ТАКСИРАТ, со ова воедно го затвори овогодишниот календар на настани и тоа докажувајќи дека дури и во зимските месеци Скопје може да стане препознатлив како дестинација за добра фестивалска забава. Веќе е сигурно дека прагот на остварувања на овој музички фестивал е највисоко поставен, но и дека следната година несомнено ќе биде уште подобра бидејќи ТАКСИРАТ ќе го прославува јубилејното 25-то издание.













