20 нови песнички ќе бидат изведени на годинешното 27- мо по ред издание на детскиот музички фестивал „СИ-ДО“. Традиционално и оваа година фестивалот ќе се одржи во Центарот за култура. Две песнички ќе бидат изведени од деца од странство. Изминатиов период се снимаа песничките, децата се запознаваа меѓу себе и се дружеа преку музиката.
„Морам да истакнам дека сум многу горд на нашите млади изведувачи за нивните вокални интерпретации кои се на највисоко ниво“,изјави Дарко Шерденков, директорот на овој фестивал.
Во сите изминати години, дефилираа над стотина деца годишно како солисти така и членови на детскиот фестивалски хор. За ова, посебен придонес имаа битолските композитори на детската музика: Петар Сидовски, Кире Костов, Миле Шерденков ,Славе Димитров, Петар Ѓорѓиев – Калица, Кирил Тодоровски, Милко Лозановски, Миодраг и Марјан Неќак, Снежана Наумовска како диригент и многу други музички педагози, организатори, директори на организации и друго. Некои од музичките надарени деца учесници на овој фестивал, денес се познати пејачи на македонската естрада.
Ќе останат во сеќавање повеќе детски песни во македонската музичка антологија кои за првпат беа испеани на овој фестивал: „Супер бабичка“ и „Метро и жилет“ ,„Рокер јас сум мила мамо“ и „Споменар“ (Миле Шерденков)„Наташа од трето три“ (Драган Каранфиловски-Бојс), „Без другар тешко е“ (Љ.Мирковски), „Анушка“ (Ристо Самарџиев), „Амадеус, Амадеус“ (Марјан Неќак)„Мамбо ча ча ча“ (Дарко Шерденков) и уште многу други. Оваа година фестивалот ќе се одржи на 28- ми април во Центарот за култура и тоа со три изданија од 9.30, 11.30 и 19 часот, под мотото „27 години пееме заедно“.












