Дочекот на Новата година измина без еуфорија и вообичаените интервенции во Службата за итна медицинска помош – забележани беа мал број на интервенции. Но затоа пак Битолчани се пренајадоа, пренапија и настинаа во ноќта меѓу Бадник и Божик. Службите забележаа пораст на интервенциите.

Комбинација од стомачен вирус и пренајаденост ги скина Битолчани во бадниково-божикното деноноќие. Зголемен бил бројот на интервенции што ги реализирале и Службата за итна медицинска помош и Ургентното одделение при Клиничка Болница Битола. Затоа што ова и сезонски е време на респираторни , но и стомачни вируси, симптомите заради кои се јавувале Битолчани да добијат медицинска помош биле зимешани.
Според информациите од Службата за итна медицинска помош во Битола, на 6 и 7 јануари регистрирале значителен пораст на повици и интервенции. Честата симптоматологија била проблеми од гастрои-интестиналниот тракт, но и покачен крвен притисок, хроничните пациенти, и зголемен број на телефонски советодавни повици.
Празничната атмосфера за време на Бадник и Божик, традиционално поврзана со богати трпези, оваа година донесе значително зголемен обем на работа и за Ургентното одделение на Клиничка болница.

„За време на празничните денови, посетеноста и интервенциите во Ургентниот центар беа зголемени за околу 30% во споредба со вообичаените денови“, информираат од установата. Д-р Весна Јаневска во телефонски разговор информираше дека пациентите најчесто пријавувале мачнини, повраќање, болки во стомакот.
И покрај зголемениот обем на работа, оваа година има и една позитивна разлика во однос на претходните празнични сезони. Докторката Јаневска од Клиничка болница потврдува дека во споредба со претходната година, оваа година не е забележан ниту еден случај на пијан малолетник кој побарал медицинска интервенција. Ова укажува на подобра превенција или поодговорно однесување на младите за време на празниците.
Лекарите и во двете јавни здравствени установи апелираат до граѓаните во наредниот период да бидат внимателни со исхраната, да внесуваат полесна храна и доволно течности, со цел да се избегнат непотребни компликации и преоптоварување на здравствениот систем.












