Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес одржа прес конференција по повод одбележувањето на „80 години од ослободувањето на Битола”. На прес конференцијата, градоначалникот информираше за настаните кои ќе се случуваат во градот по повод овој јубилеј.

„Во пресрет на големиот празник на градот „4 Ноември” кога ќе одбележиме 80 години од ослободувањето на Битола, сакам да Ве информирам, дека Општина Битола, подготви квалитетна програмска содржина со 33 настани во период од 15 денови, кои вклучуваат традиционални манифестации, одбележување на јубилеи, но и промоција на нашите културни, музички и спортски достигнувања, кои претставуваат гордост за Битола.

Сите програмски активности, се реализираат согласно планираните средства во Програмата за култура за одбележување на „4 Ноември” и одобрениот буџет од 906.540 денари, за што објавивме јавен повик и врз основа на добиените апликации ја изготвивме четвртоноемвриската програма, во која имаме 6 спортски настани, 4 театарски претстави, 4 настани поврзани со филмот и филмската уметност, 6 музички настани, 4 изложби, протоколарни и хуманитарни настани и три настани со кои официјално ќе се одбележат три 80 годишни јубилеи“ рече Коњановски.

Директорот на НУ Народен театар, Васко Мавровски информираше дека, наведените претстави се гостувања во Битола, по уште еден значаен повод – 80 тиот роденден на битолскиот театар на 14 ноември, по кој повод ќе биде издадена и монографија.

Моника Марковска, како претставник на КУД Стив Наумов, информираше за големиот 80 годишен јубилеј на културно – уметничкото друштво и хорот кој исто така ќе биде одбележан со концерт на 6 ноември.

Сашко Павловски, како претставник на Сојузот на спортови, информирашше дека во еден прекрасен спортски викенд, исполнет со многу спортски настани, дел од четвртоноемвриската програма, традиционално ќе биде и ноќната атлетска трка, која ќе се одржи по 67 ми пат.












