ТЕРА

REKLAMA???

34 ЗАГИНАТИ, А 117 РАНЕТИ ВО РАКЕТНИОТ НАПАД НА УКРАИНСКИОТ ГРАД СУМИ

Од двата руски балистички проектили што вчера го погодија центарот на северниот украински град Суми, досега загинаа најмалку 34 лица, а ранети се 117, што претставува најсмртоносен напад врз Украина оваа година, соопштија украинските власти.

Суми, со население од околу 250.000 жители, се наоѓа на само 25 километри од руската граница, стана гарнизонски град откако украинските сили од него лани во август го почнаа упадот во Русија, што оттогаш е во голема мера одбиен.

Градоначалникот на Суми, Артем Кобзар, прогласи тридневна жалост за жртвите, почнувајќи од утре.

Луѓето кои биле погодени од ракетата биле на улица, во автомобили, јавен превоз или згради, изјави министерот за внатрешни работи Ихор Клименко.

Русија негира дека гаѓала цивили, но илјадници се убиени и ранети во војната.

Овој напад се случи неколку дена по ракетниот напад врз централниот украински град Криви Рог, родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленскиј, кој е далеку од линијата на фронтот на исток и југ. Во тој напад загинаа 20 лица, меѓу кои девет деца.

Министерот за надворешни работи Андриј Сибиха рече дека Киев „споделува информации за ова воено злосторство со сите партнери и меѓународни институции“.

Меѓународниот кривичен суд во Хаг, на кој Украина официјално му се придружи оваа година, истражува случаи од висок профил на наводни воени злосторства од конфликтот.

По нападот на Суми украинскиот претседател Володомир  Зеленски ги повика САД и Европа силно да одговорат на, како што рече, рускиот тероризам.

„Русија сака токму таков вид на терор и ја продолжува оваа војна. Без притисок врз агресорот, мирот не е можен. Преговорите никогаш не ги запреле балистичките ракети и воздушните бомби“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.

МИА