ТЕРА

REKLAMA???

42 ГОДИНИ ЧОКАНЧЕ, МУЗИЧКА И ФОТО РЕТРОСПЕКТИВА ВО БИТОЛА

42 години Чоканче, 42 години музички белег на градот и дел од македонската музичка историја. Со овие зборови би можело да се опише ретроспективното патување низ фотографии кое синоќа за битолчани го приредија музичката група Чоканче и Центарот за култура. Станува збор за изложба која го прикажува развојот на групата од нејзините почетоци па се до денес. На синоќешното отворање на изложбата, членовите на групата емотивно се потсетија на почетоците.

„Дури и од прашањето за нашите почетоци ми поминаа морници, така што сето ова го доживуваме многу емотивно. Среќен сум што имаме обемен материјал и одиме понатаму.“-вели Бранко Шпољариќ – Паљачо.

„После толку години работа е голем момент.“-вели Зоран Илиевски – Скроч.

„Со оваа група започнав некаде во 93та година, така што можам да кажам дека пораснав со Чоканче. Затоа вечерва се чувствувам многу убаво што сме пак заедно.“-вели Игор Беговски-Кебапо.

Изложбата е дел од роденденската есен на Центарот за култура кој оваа година одбележува 45 години постоење.

„Чоканче е рок групата која што навистина во овие 42 изминати години остави белег во нашиот град во поглед на култура, музика, рок сцена. Вечерва имаме една ретроспективна изложба на нивниот рок циклус од овие 42 години почнувајќи од првите свирки во кино Партизан, па до ден денес.“-вели Сашо Илковски, директор на Центар за култура Битола.

Изложбата ќе биде отворена за јавност и во следните 10 дена. Од Центарот за култура најавија и изложби на Марта Дојчиновска и Дејан Макариовски, како и други настани кои се дел од роденденската есен на оваа културна установа.