Вишокот на средства во висина од 48 милиони денари оди за основните и средните училишта кои заедно во соработка со општината ќе треба да ги искористат за инфраструктурни проекти. Битолските советници ја изгласаа одлуката за проширување на средствата на Буџетот на Општина Битола за 2023 година.

„48 милиони денари во програмата за образование се додаваат во истата, односно повеќе од 50% од средствата ќе бидат искористени за инфраструктурни зафати во училиштата во Битола, тоа е префрлен вишок кој што не бил искористен минатата година. Тоа е процедура која што и во изминататите години се случувала и тие средства ќе бидат искористени во инфраструктурни зафати во основните и средните училишта, врз основа на проектите коишто ќе ги направат училиштата“, рече Бојан Бојкоски, советник од ВМРО ДПМНЕ.

„Одлуката е стандардна процедура која секоја година се носи за образование, не е нешто што е надвор од програма, се работи за средства наменети за образование“, рече Габриела Илиевска, претседател на Совет.

Се врши пренамена на финансиски средства од една во друга ставка, вели координатортот на советничката група на СДСМ.
„Некоја пракса која ја има администрацијата во Општина Битола. Пренамена на финансиски средства од една во друга ставка со цел забрзување на одредени процеси за реализација на одредени проекти. Ова било пракса и во минатото, а продолжува и сега. Како советничка група сметаме дека недостаток на идеи за реализација на проектите кои ги ветуваа пред граѓаните доведуваат до најразлични измени, се со цел да остварат нешто кое го ветуваа, а добро знаеме и добро гледаме дека генерално од нивните програми во предизборието кои ги ветуваа пред граѓаните, могу мал дел истите ги имаат реализирано“, рече Методија Илиевски, советник од СДСМ.
Советниците го донесоа и Правилникот за искористување на средствата од Програма за социјална заштита на Општина Битола во делот на инфраструктура за лица со попреченост во домот на лицата.












