Свежо цвеќе и огромна искажана почит. Пред шест децении, на денешен ден престана да чука срцето на уметниколт, боем како што сакале да го нарекуваат Милтон Манаки.

На Влашките гробишта во Битола повторно едночудо сниматели, филмаџии, фотографи, угледни граѓани, почесниот конзул на Романија во Битола, конзулот на Грција во Битола, од Кино – видео клуб ,,Студио Милтон Манаки ” од Битола, претставници на Народна техника, Кинотека на Македонија, Државниот историски архив , Центарот за култура, советници од Советот на Општината и градоначалникот на Битола д-р Тони Коњановски кој со Општина Битола се патрон на годинешното одбележување, положија свежо цвеќе и венци на вечното почивалиште на Милтон Манаки.
Чествувањето започна утринава во храмот Св. Елена и Костадин“ во Битола – влашката црква, а продолжи во Кино манаки кадешто беа проектирани филмови од фондот „Манаки“ што како културно богаство се чува во Кинотека на Македонија.
Чествувањето го прават неговите наследници во професијата, повозрасните имаат сеќавања за средбите и советите што им ги давал. Неговото дело треба да се заштити и сподели со светот, е ставот на директорот на битолскиот Историски архив што во соработка со Британска Библиотека, го заштитува и дигитализира вкупниот фото опус.
„Материјалот кој го имаме е голем предизвик, неговата заштита бара посебен третман и вложување многу средства и напори за да се зачува овој богат фонд. Како што е познато и во јавноста, многу пати е кажано дека во моментов го спроведуваме процесот на дигитализација на материјалот што е една од алатките кои ни се на располагање и кога е заштитата на архивскиот материјал во прашање“. вели Гоце Стојановски, директор на Историски Архив во Битола.

Целокупниот фонд Манаки е најголемиот фонд за Источна Европа, вели Стојановски, особено затоа што е создаден од еден односно два автори. Имено, на голем број фотографии се гледа заедничката работа на Јанаки и Милтон Манаки – додека Манаки зборувал со луѓето што ги сликале или снимале, Јанаки или снимал со втората камера или го држел стативот, а двајцата ја носеле тешката опрема на највисоките ридови во Битолско поле, Грција, Албанија, низ Романија.
„Она што мене ме фасцинира и најважно за овој процес е што ќе го направиме да биде јавно достапен, затоа што желбата на Mанаки била и да се сподели со јавноста и тоа е тоа што навистина не фасцинира сите, да нивното творештво да ги надмине границите на Македонија, на Балканот, ќе стане Европски и светски проект. Ќе ни донесе нови истражувачи во областа на фотографијата и истражувањата од историски аспект “. вели Стојановски.

„Битола се грижи за културното наследство заоставштина на браќата Манаќи“, потсети денеска градоначалникот, а показател за тоа се фестивалот на аматерскиот филм, интернационалниот филмски фестивал Браќа Манаки, кино „Манаки“ изградено на местото кадешто се наоѓало киното на славните браќа и споменикот на Милтон Манаќи кој високо се издигнува кај плоштадот „Гоце Делчев“.












