ТЕРА

REKLAMA???

6,5 МИЛИОНИ ЕВРА ГОДИШНО ИЛИ МАКЕДОНИЈА ЌЕ ОСТАНЕ ОПАСНО МЕСТО ЗА ЖИВЕЕЊЕ ЗА ЖЕНИТЕ И ДЕЦАТА

„Ние, граѓанските организации, најостро го осудуваме новиот фемицид што утринава се случи во Битола, каде 31-годишна жена беше убиена од нејзиниот сопруг со нож. Според информациите на МВР, сторителот ја нападнал жената со која не живееле заедно, а таа починала на лице место од здобиените повреди.

Ова не е изолиран случај. Ова е уште еден аларм дека Македонија станува сè поопасно место за живеење за жените. Загрижувачкиот пораст на фемициди и случаи на семејно и родово базирано насилство во 2026 година покажува дека институционалната заштита е недоволна, а системот потфрла да ги препознае и спречи ризиците навреме.И покрај постојаните измени на закони, стратегии и политики, во практика нема суштинско подобрување во заштитата на жртвите. Наместо ефикасна превенција, брза реакција и координирана институционална заштита, повторно сведочиме на загубени животи.

Само во првите месеци од 2026 година веќе се изгубени повеќе животи како последица на семејно и родово базирано насилство. Ова е алармантен континуитет на насилство врз жените, проследен со слаба проценка на ризик, бавни институционални реакции и култура на неказнивост. Дополнително загрижува и сè поголемиот број случаи на врсничко насилство во училиштата, од кои дел завршија со напади со ладно оружје и ученици во критична здравствена состојба. Насилството прераснува во сериозна општествена епидемија.

Бараме итна, темелна и транспарентна истрага за случајот во Битола, вклучително и проверка дали претходно имало пријави за насилство или сознанија кај институциите. Доколку се утврдат пропусти, бараме индивидуална одговорност и санкции за секое службено лице што не постапило согласно законските обврски.

Бараме и итни финансиски инвестиции во специјализирани сервиси за жртви на насилство низ целата држава, како и зголемување на професионалните ресурси во сите институции, особено во МВР и центрите за социјална работа, кои ќе бидат фокусирани на заштита од насилство. Неопходни се и сериозни инвестиции во образованието и превентивни програми за спречување на насилството кај младите.

Животот на жените и децата не смее да завршува како статистика поради институционално непостапување и системски пропусти.“

Зад овој текст – апел стојат граѓанските организации: Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Платформа за родова еднаквост, Мрежа за заштита од дискриминација.

Само еден ден пред оваа реакција, вчера на панел дискусија Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство ја претставија својата аначиза за трошоци за специјализирани услуги за жртви на родово базирано и семејно насилство.

Анализата покажува минимални вложувања од државата во специјализираните услуги, 0,1% од буџетот може да изгради систем што ќе ги штити жените и децата од насилство или за функционален систем за заштита, превенција и реинтеграција на жени жртви на насилство потребни се над 6.500.000 евра годишно.

Заштитата не е трошок. Таа е обврска на државата, беше заклчокот на дебатата по претставувањето на анализата.

 

 

фотографии:  Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство