Кинотеката на Македонија ја одбележа 70-годишнината од првиот македонски игран филм – ФРОСИНА, снимен во далечната 1952 година, во режија на Војислав Нановиќ, а во продукција на тогашниот државен филмски продуцент „Вардар филм“.
ФРОСИНА (1952) на Војислав Нановиќ и МИРНО ЛЕТО (1961) на Димитрие Османли – минатата година беа дигитално реставрирани во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, Хрватска – а филмот МИРНО ЛЕТО е објавен и на блуреј диск, како прво блуреј издание на македонски филм.

ФРОСИНА e првиот македонски долгометражен игран филм, по сценариото на писателот Владо Малески. Премиерата била одржана на 28 јуни 1952 година во скопското кино „Култура“. Снимен е во црно-бела техника на 35 мм лента, со времетраење од 79 минути. Жанрот на филмот е социјална драма за егзистенцијата, печалбарскиот живот, Втората светска војна и трагедијата на една мајка која го губи синот единец. Насловната улога ја толкува Мери Бошкова (Фросина), а во другите улоги играат Ацо Јовановски (Климе), Петар Велјановски, Наѓа Подерегин, Петре Прличко, Илија Џувалековски.
Продуцент на филмот е „Вардар филм“, директор на фотографија е Киро Билбиловски, композитор на музиката е Трајко Прокопиев, сценографијата е на Милан Васиќ, а асистент на режија бил Трајче Попов. Македонската кинематографија по Втората светска војна, во Македонија почнува во 1947 година, кога е основана државната продуцентска куќа „Вардар филм“, со документарните филмови ЖИТО ЗА НАРОДОТ и ВО ИЗБОРИ ДО НОВИ ПОБЕДИ, а потоа се снимени и десетина други документарци.

Како најпогодна за улогата на насловната улога (Фросина), на Нановиќ му ја препорачуваат тогашната театарска ѕвезда Мери Бошкова. Иако во тоа време таа била млада глумица, дваесет и осумгодишна жена, а требало да глуми многу постара жена, сепак Бошкова одлично ја креира својата улога, со впечатлива трансформација во стилот на античките хероини.
На иницијатива на Кинотеката на Македонија, Македонската Радио Телевизија деновиве сними документарен филм за филмот Фросина кој премиерно беше прикажан на МРТ .
Автори на документарецот „70 години Фросина“ се Соња Самарџиева и Томи Алексов, а монтажата е на Влатко Ангелов. Филмот е во продукција на Македонската Радио Телевизија.
Исто така, во рамките на одбележувањето на овој 70-годишен Јубилеј од првиот македонски игран филм – ФРОСИНА во Кочани, во ЈОУ Библиотека „Искра“ се одржа изложба на фотографии од филмот, проследено со пригодно предавање и дискусија за неговото значење во историјата на македонската кинематографија – во организација на Кинотеката и ЈОУ Библиотека „Искра“.












