Со свечено затворање на 31 август во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, заврши 51. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар при УКИМ, на која учествува 85 македонисти, филолози, слависти, балканолози, културолози, академици, емеритуси, раководители на катедри на лекторатите, професори, научни истражувачи, лектори и преведувачи од целиот свет.

Работата на конференцијата се одвиваше во две секции: јазична и литературно-културолошка. Темите за јубиларите Крсте Мисирков, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски поттикнаа 75 реферати, а слоганот на конференцијата „75 за 75“ се однесува на „75 реферати за 75 години УКИМ“. Конференцијата се одржува со големи заложби, поддршка и услови овозможени од ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, Ректоратот на УКИМ, и со поддршка на Министерството за култура и туризам. Ректорката Биљана Ангелова, дејноста на Меѓународниот семинар при УКИМ и Меѓународната научна конференција ги има како приоритет на програмските определби, но и како суштински влог во македонистиката.

За значењето на конференцијата проф. д-р Кристина Николовска, директор на Меѓународниот семинар при УКИМ, истакна: „Ова е голем проект, проект од национален интерес со пошироко интернационално значење, ова е значаен мост меѓу културите на светот кои водат разговор преку врвна наука, како што е македонистиката, и покренуваат културна дипломатија, која отвора нови хоризонти и гради мостови. Ние сме култура на градење на мостови, соработки и пријателства. Дејноста на Меѓународниот семинар при УКИМ континуирано гради стабилна македонистичка високообразовна дејност и студиозна наука, која треба да се негува и да се поддржува. Во годината кога чествуваме 150 години од раѓањето на Крсте Мисирков, 150 македонисти од целиот свет – семинаристи на 57. Летна школа и научни истражувачи на 51. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар при УКИМ, по мотото „Македонистички городрек“ раскошно ја развиваат македонистиката насекаде низ светот“.

За време на летната школа се одржа промоција на два зборника. Промотори на Зборникот од 50. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ беа координаторите: проф. д-р Гордана Алексова и проф. д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова. Потоа се одржа промоција на Зборникот Предавања од 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литeратура и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кој го промовираше доц. д-р Бојан Петревски.












