Градоначалникот на Лавов, најголемиот град во западниот дел на Украина, Андриј Садовиј, вчера попладне потврди дека градот бил цел на воздушен напад на руските сили.

Претходно, информацијата дека се слушнале експлозии објави и Б-би-си. Како што јави дописникот на британскиот јавен сервис, одекнале три силни експлозии по кои почнале да се издигнуваат црни облаци од чад во периферијата на градот.

Руското Министерство за одбрана го објави вчерашниот ракетен напад врз Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Русите рекоа дека „погодиле воени цели во Лавов со прецизни крстосувачки ракети“. Министерството наведува дека бил погоден магацинот за гориво кај Лавов, кој го користела украинската армија.
Во соопштението на руското министерство се наведува и дека ракетите со долг дострел истрелани од морето го уништиле арсеналот ракети С-300 и системот за воздушна одбрана БУК во близина на Киев.













