Песната Ако одам во Битола, битолчани си ја нарекуваат и химна на Битола, покрај Битола мој роден крај. Песната по текст и музика на Петар Георгиев Калица, се пее не само во Битола, не само во Македонија, туку насекаде низ светот каде што живеат Македонци.
Песната деновиве доживеа ново издание со музички спот, а истата беше промовирана во Битола во Центарот за култура. Преработката е во изведба на Димитар Андоновски, придружен од група „Фонтана“ и Камерниот гудачки оркестар. Како специјален гостин во овој музички проект се јавува познатата солистка на харфа Сара Костадиновска – Сара Мејс.

Благојче Трајковски е иницијатор за новиот препев на познатата песна, а воедно е и потписник на целата обработка и аранжман. „Да се направи нова верзија на оваа исклучителна песна, песна над песните за многумина е веројатно тешка задача. Но, ова што го направи овој тим е доказ дека кога ќе се соберат вистински професионалци може“ – ни изјави Трајковски. Битолчани, но и гостите кои доаѓаат во градот, најмногу го сакаат оној стих:
„Ако одам во Битола, ќе прошетеам по Широк Сокак,
А на Дембел чаршија, кафе ќе се напијам…..“.

Нема битолчанец кој не си ја потпевнува песната каде и да оди. Од тие причини оваа песна е инспирација за бројни музичари да и дадат ново светло, да ја изведат со нотите од своето срце и љубовта кон Битола. „Се работи за идеја која произлезе со цел да се испочитува авторот Петар Калица и неговиот значаен придонес во музиката. Од друга страна ние како битолчани и од аспект на денешно време се трудиме да даваме придонес во зачувувањето и негувањето на трајните музички вредности. Интересно е што Сара Мејс во улога на харфистка и дава на песната една многу убава боја“, додава Трајковски.

„Да се биде дел од овој проект за мене значеше многу. И како уметник и како битолчанец. Да ја отпеете песната која се пее насекаде, не е лесна задача. Одговорноста е поинаква кога пред Вас тоа го правеле други. Ние внесовме многу емоции во текот на целиот процес. Многу љубов за песната и за Битола. Мислам дека тоа е повеќе од видливо, а вие како публика тоа најдобро ќе го процените“ – изјави Димитар Андоновски.

Интересно е да се знае дека авторот на песната Петар Георгиев Калица, идејата за песната ја имал подолго време, а ја напишал за неполни пет минути. Песната за првпат пред јавноста беше изведена на фолк фест „Валандово“ 1989 година. Мелодијата ја исполни октетот „Македонија“, аранжманот го направи сега покојниот Ѓорги Димчевски.на фетивалот песната ја добива третата награда од жирито, но таа награда станала далеку поголема со славата која песната ја доживеа. Композиторот беше присутен во публиката и доби долг аплауз со овации при неговото појавување на сцената. „Ова е емотивен момент за мене. Кога ми се јавија овие личности, бев почестен. Ги знам нивните професионални квалитети. Со задоволство дозволив да се преработи песната. Ова што го гледам како резултат е прекрасно. Им благодарам“, – изјави композиторот Калица.
Фотографии: Центар за култура












