Во Центарот за култура Битола беше отворена изложбата Ѕидна мистерија: алфа и омега на ликовниот уметник Љубе Алексовски. Дел од изложбата која битолчани ќе имаат можност и наредните денови да ја погледнат, е видео презентацијата со ликовни творби на која се прикажува начинот на изработка на делата.
Изложбата ја отвори директорката на Центарот за култура Маја Андоновска Илијевски која рече:„Изложбата е работена на материјали кои најчесто другите луѓе ги фрлаат, тн. рециклирана уметност, што во секој случај е предизвик, затоа што живееме во едно време кога има премногу отпад околу нас и се бориме за животната средина, треба да ја штитиме и чуваме“.

Потоа за изложбата говореше авторот кој пред отварањето со минута молчење им оддаде почит на сите кои починаа за време на пандемијата. Љубе Алексовски e роден 1953 во Куманово, живее во Скопје и бил прв дипломиран ликовен педагог во Струга при СОУ „Нико Нестор” и СОУ „Др. Ибраим Темо”. Работи во сите техники и стилови, организатор е на повеќе ликовни работилници, ликовни колонии, радио и ТВ емисии ширум државата, учесник во повеќе ликовни проекти, групни и самостојни изложби. Посебно е значаен неговиот опус на ѕидни мурали во охридско и струшко каде изведува повеќе циклуси, инспирирани од поднебјето и традицијата како и одредени рефлексии од современите збиднувања.

Во Охридско-Струшкиот Регион е посебно познат по тоа што направи еко-арт сплав. Три години по три месеци тој живеел на него и творел па сликите кога биле готови биле прикажани во Охрид, Струга, сè со една цел – да се покаже дека може еколошки, т.е. да го заштитиме Езерото, да се живее, да се постои и да се рекламира уметноста.
На младите уметници им препорачува: „Размислете си во постсвеста што ве копка, што ве нервира, што ве радува, па обидете се тоа да го прикажете на свој начин и имајте храброст тоа да го споделите по некои изложби и настани. Не мора да е по изложби како што рековме, нека е на кеј на Вардар, нека поминат случајни патници, нека погледаат и нека кажат „Еј, браво, алал да ти е!“. Значи дојдено е време кога уметноста, не е битно дали е масло на платно и не знам каков формат, битна е идејата, а идејата треба да биде позитивна“.
Изложбата е во рамките на одбележување на 40 годишниот јубилеј на творење на ликовното поле на Алексовски.













