Денеска започнаа работните активности со кои Битола ќе добие нов парк во Нова Битола. Проектот кој се реализира на површина од 25.000 m² ќе содржи урбана опрема, спортски и детски реквизити, хортикултурно и партерно уредување и осветлување. На почетокот на работните активности денеска таму беа градоначалникот,претседалеката на Совет, директори на ЈП од градот и дел од советниците.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и Претседателката на Советот, Габриела Илиевска, информираа за динамиката со која ќе се уредува паркот кој покрај хортикултурно и партерно уредување, ќе содржи и спортски и детски реквизити, урбана опрема и соодветно осветлување.Општина Битола, проектот ќе го реализира во две фази, во соработка со јавните претпријатија од градот.

Со уредувањето на оваа површина, која во досегашниот период воопшто не беше уредена и одржувана, Битола ќе добие нова зелена површина, која е многу значајна за подобрување на квалитетот на животната средина, а граѓаните ќе добијат и ново место за одмор и рекреација, како и за игра и забава на најмладите.

За денешниот настан како што рече претседателката на Совет Илиевска биле поканети сите советници, но за жал дошле само дел од нив. Овај парк е парк за битолчани и ќе биде сопственост на битолчани, потенцираше Илиевска.
Се очекува паркот да биде готов до есента 2023 година.













