Во мај 2014 граѓанската иницијатива Битола #наТочак ја поттикна првата #КритичнаМаса .
Велат дека тогаш за прв пат ги повикаа граѓаните да излезат и недвосмислено да упатат порака до јавните функционери дека сообраќајот во Битола е практично насилие на асфалтот кое се негува и храни со политиките кои се верглаат со децении, а посебно последните години.
„Еве и по 8 години, градот не само што се соочува со истиот проблем туку почнува немилосрдно да се бори со наглото зголемување на бројот на возила, што создава дополнителен загушлив сообраќаен метеж, а граѓаните кои сакат да бидат активни и да се движат на алтернативните начини, да бидат фрлени во оган заедно со тешкашите на коловозот. Она што очекуваме од локалните јавно избрани функционери, е да покажат елементарен осет забезбедност за движење низ градот и да инвестираат во одржливи начини на движење преку безбедна и удобна пешачка и велосипедска инфраструктура“, велат од Критичната маса.
Упатуваат апел до граѓаните да се вклучат на 62- от протест со заедничко возење. Ќе се вози утре од 18:00 до 19:00 часот.
„И покрај тоа што граѓаните еве 61 пат излегле на улица со јасни пораки, сепак влијанието на Општината останува 0 километри изградена вело ифраструктура. Во меѓувреме се градат бројни проширени и новоотворени улици без планирање на велосипедскиот сообраќај“ велат организаторите.












