ТЕРА

REKLAMA???

РЕНОМИРАНИОТ ПИЈАНИСТ ДИНО ИМЕРИ НАСТАПИ ВО ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ

Маестро Дино Имери, настапи во концертната сала на Палатата на културата – Офицерски дом во Битола, во организација на Културниот  и информативен центар поддржан од Општина Битола, а по повод 9 Мај,  Денот на Европа. Овој настан беше прв пијано концерт на концертниот клавир „Bösendorfer“ по пренесувањето од Битолскиот Завод и Музеј во Офицерскиот дом и воедно промоција на концертната сала во истиот.

За маестро Имери промоцијата на концертната сала со негов концерт е од особено значење. Програмата се состоеше од дела на Шопен, Лист, како и дел од македонското товрештво кое е неизоставен дел од неговите концерти, како : светската премиера на композицијата Мацеденс од Вања Николовски Ѓумар.

Дино Имери (1990) се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Со огромен успех настапува на престижните сцени низ светот како гостин на врвни оркестри, како рецитален уметник и како камерен музичар. За него француската критика ќе напише: „Дино Имери – магионичар на пијаното.

Во својата досегашна дејност, Имери остварил многубројни настапи во Македонија, но и во странство: Загреб (отворање на циклус „Пијано фортисимо“, спектакуларен концерт кој поминува со 4 биса по редовната програма), со Стразбуршкиот филхармониски оркестар (француска премиера на Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери), со Софискиот филхармониски оркестар (со изведба на Концертот бр.3 од Сергеј Рахмањинов), на фестивали во Цавтат, Франција, Приштина, Австрија.

Дино Имери е вброен во 10-те најдобри европски пијанисти според ранг листата на Третиот Европски Пијано Натпревар одржан во Нормандија, Франција, а подеднакво успешен во својата родна земја. Во 2013 год. се здобива со највисокото домашно признание за класична музика – наградата „Виртуози“ во категоријата „Млад музички уметник“. Во 2015 го добива признанието „Лауреатна Фондација Томислав Зографски“ доделена од истоимената фондација за промоција на македонските композитори во земјата и во странство. Во 2010 година, Дино Имери потпиша двегодишен договор со Европската пијано програма – проект кој му ги отвори интернационалните сцени во Франција, Австрија, Полска.

Покрај концертната дејност, Имери се потпишува на повеќе изданија за престижни дискографски куќи меѓу кои „Dino Imeri LIVE“ (2010, Piano Plage France), “Reflections” (2020, PMG Jazz), “Passions” (Con:tempo, 2021) и др.  Тој бележи бројни успеси и како млад композитор, пишувајќи музика за филм, театар (соработка со независниот театар Артопија), балет („Дијалози“ на Ивана Коцевска), инструментална и вокална музика, мултимедијални проекти („Проста и строга македонска песна – 100 години од раѓањето на Блаже Конески“).