Селекторот и капитенот на нашата фудбалска репрезентација, Благоја Милевски и Енис Барди, на денешната прес конференција во пресрет на утрешниот дуел со Бугарија во Лигата на нации најавија тежок натпревар.
Капитенот покажа чест што ја носи траката и вети дека ќе ја поведе репрезентацијата до нова победа.
„Имаме искуство, подготвени сме да играме паметно и кога сме фаворити. Имаме победнички менталитет. Многу ни е важно добро да стартуваме. Имаме освежувања во тимот, но физички и психички сме подготвени за предизвикот.
Чест ми е да сум капитен, но секогаш велам дека сите сме капитени и сите во одредени моменти можеме да дадеме дополнителна вредност. Успехот на селекцијата ни е најважен. Последен пат кога бев капитен дадов три гола и не би било лошо да продолжам така“, рече Барди.
Кога последен пат беше капитен Барди постигна хет-трик на натпреварот во Ереван.












