Со концертот “ Од децата за децата” во Офицерскиот дом во Битола беше одбележан Меѓународниот ден на детето 1. јуни, а од страна на детскиот хор Ѕвончиња”.
Овој хор 16 години ѕвони со прекрасните гласови на децата и ја разубавуваат со песна и детска љубов Битола, па така и оваа вечер кога ги воодушевија сите присутни со своите изведби. Нивното мото е „Да пеат за еден подобар и поубав свет во кој децата, безгрижно ќе растат“.

„За жал, на светот има деца кои немаат мајчински топол збор и љубов, заштита и грижа од таткото. Затоа ние заедно со нашите две наставнички Марина и Александра, со поддршката на нашите родители, сакаме барем малку да им го олесниме животот на три наши другарчиња. Знаеме дека за вистински да помогнеме треба тоа да е со наш труд“, истакнаа дечињата.

За почеток ја испеаа нивната Ѕвончеста химна, а потоа и првата детска химна напишана за Битола, на која како што ни кажаа се премногу горди, а ја напиша композиторот Никола Мицевски.
За Битола се испеани многу песни, но, детска химна во околу 1000 години постоење на името на градот Битола, немаше. „Нашата Битола е наш дом, наша гордост, онаа со која се фалиме каде и да одиме. Најопеан град, град кој низ историјата одолеал на секакви искушенија и сеуште секојдневно не храни со радост и убавина. Многу сакаме да ги научиме сите деца од градот да си ја пеат и да си ја сакаат и чуваат Битола како нас“, ни изјави диригентката Марина Коруновска и додаде :
„Освен што се учиме да пееме во нашето музичко царство , школата Коруновска, оние деца кои сакаат да учат и пијано, можат тоа да го прават со наставничката Александра. Таа со насмевка, со многу љубов и трпение ги учи да ги распеат и разиграат своеглавите 10 прстиња на двете рачиња , за да ни ги отсвират композициите кои најмногу ги сакаат“. На концертот настапија: Ања Гроздановски, Марко Коруновски, Стефан Ѓоргиевски, Андреј Јошевски, Никола Митровски, Мила Коруновски, Давид Којдовски, Димитар Дуковски. Водител на манифестацијата беше Јана Тасевска.

За крај, испратија и порака преку песна : „Искрената, детска песна и насмевка се најубавиот подарок за овој свет. Сакаме да се заблагодариме на сите кои го слушаат гласот на децата со нивните отворени и добри срца и ни помагаат да израсеме во добри луѓе“.
Собраните средства од влезниците се наменети за хуманитарни цели.












