ТЕРА

REKLAMA???

СВЕЧЕНО ОТВОРЕНО 56.ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“

Со доделувањето на наградите за животно дело на актерката Бедиа Беговска, доајен на Tурскиот театар и на драмскиот писател Русомир Богдановски и со првата претстава во конкуренција „Народен непријател“ на МНТ, синоќа во ЦК. „Марко Цепенков“ свечено беше отворен  56. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Поздравувајќи ја публиката Катерина Коцевска Хаџи Василева, уметничкиот директор, истакна дека ништо не може да го замени чудото на уметноста во живо.

„Тетарот дише со публиката, ја чувствува таа силна размена на енергија и тоа на актерите им дава радост, мотив за играта. Ништо не може да го замени чудото на уметност во живо. Овој фестивал е најголемиот театарски фестивал кај нас, опстои 56 години токму поради вас, публиката. Еден светски автор вели: Морате да верувате дека Вашата работа некого ќе го израдува и дека тој некој, кога ќе излегува од театарот ќе биде поубав од пред да влезе да ја гледа Вашата претстава. И ако помисли дека многу беше добро, Вие сте направиле чудо. Сте создале нов човек кој за миг доживеал малку среќа во свет на сопствена и планетарна депресија“.

Бедиа Беговска е една од најреспектираните и најоригиналните  ѕвезди на современото македонско глумиште. Русомир Богдановски е драматург, автор на драми, драматизации, филмски и телевизиски сценарија. Градоначалникот Борче Јовчески ги врачи наградите.

 „Многу сум среќна и задоволна што ја добив наградата. Јас велам, уметниците не стареат, но само да се здрави. Со многуте улоги во театарот добив многу, а најмногу од публиката. И благодарам на фестивалската публика“, истакна Бедиа.

„Велев ќе пишувам за вас, актерите, а ништо не е потешко од тоа, но пишувам и за публиката зашто таа е смислата на театарот. Затоа и оваа награда ја чувствувам како признание“, изјави Богдановски.

Претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен во режија на Нина Николиќ, беше прикажана на првиот ден на фестивалот, во изведба на Македонскиот народен театар од Скопје.

Во рамките на програмата беше промовирана книгата „Клиентот на Шекспир“ од авторот Милош Латиновиќ.

Фестивалот ќе трае до 9 јуни.