ТЕРА

REKLAMA???

ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА ДРЖАВНОСТА НА ХРВАТСКА ВО БИТОЛА

Со концертот на далматинската женска клапа “Чувите” од Шолта, Хрватска, во Битола беше презентирана дел од хрватската традиција и култура. Имено по повод Денот на државноста на Република Хрватска, македонско-хрватското друштво и хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ традиционално и оваа година ја организираа манифестацијата за одбележување на овој ден во Центарот за култура.

Во име на домаќинот, Хрватскиот културен центар, на гостите им се обрати претседателот на центарот Бранко Маретиќ, кој истакна дека  е среќен што во Битола го прославуваат Денот на државноста, на датум кој е многу значаен за Хрватска и Хрватите, без разлика каде се наоѓаат.

„ Денот на државноста на Хрватска се одбележува во спомен на 25 јуни 1991 година, кога Хрватското собрание ја изгласа декларацијата за прогласување на самостојна и суверена Република Хрватска. Тоа е еден од позначајните датуми на хрватската историја, камен-темелник на обнова на хрватската држава“, изјави Маретиќ и додаде: „Воедно одбележуваме 30 години од меѓународното признавање и воспоставување дипломатски односи и членство во Обединетите нации“.

Градоначалникот на Битола – Тони Коњановски во своето излагање прво им го честиташе Денот на државноста на сите Хрвати во Македонија, и рече дека Битола била и ќе биде отворена за сите Хрвати, без разлика по кој повод се во градот, а тој како долгогодишен пријател со Маретиќ и љубител на клапската музика бил и секогаш ќе биде дел од ваквите случувања.  

На ова одбележување присуствуваа и градоначалниците на Новаци – Стевче Стевановски, на Ресен – Јован Тозиевски, и градоначалникот на Општина Шолта – Никола Чечиќ – Карузиќ, кои беа гости на битолчани, членови на хрватскиот културен центар и други гости, но овој пат за разлика од минатата во поголем број, без ограничувања заради протоколите.

„ Ова е прв пат што доаѓаме во Битола и се надевам дека оваа соработка ќе продолжи. Јас лично, а се надевам дека и вие посакувате да бидете побрзо дел од Европската унија и оваа соработка да ја прошируваме и на економски план, што е поважно за сите. Би сакал оваа наша соработка да остане и за следните генерации како традиција на нашите две пријателски земји“, истакна градоначалникот на Шолта.

Во рамките на програмата беше одржано и предавање за таткото на хрватската книжевност Марко Марулиќ и неговата поврзаност со островот Шолта.

„ Марко Марулиќ како што е и името на нашето здружение, токму на тој остров работел и создавал значајни книжевни дела. Едно од нив е Јудита, и ние ќе одбележиме 500 години од првото издание на ова дело“, изјави Маретиќ.

Од самите почетоци на своето постоење клапата „Чувите“  со своите сензибилни изведби привлекуваа внимание на љубителите на клапската песна и ја промовираа на хрватските и странските сцени. Со својот настап во 2002 година стануваат првата клапа од Шолта која учествува на фестивалот на далматински клапи во Омиш.

Посетителите во Битола, можеа да уживаат во песните што членовите на клапата ги избраа и ги отпеаа со душа со нивните прекрасни гласови.

Програмата на Хрватскиот културен центар е направена да ја поттикне меѓународната јавност да се запознае со хрватското културно наследство, хрватскиот јазичен идентитет, хрватската песна.

Културните посети и соработки траат повеќе години, односно над 25 години организирање изложби, концерти, театарски претстави, промоции на книги, предавања, се со цел да се претстави и запознае македонската јавност со богатата хрватска култура и традиција.

Женската клапа “Чувите“ од Шолта, Хрватска, на својот репортоар имаше и неколку песни од Македонија, а концертот го затворија со изведба на песната “Јовано, Јованке“.

Манифестацијата се одржува во соработка со Центарот за култура Битола, поддржана од Централниот државен уред за Хрватите кои живеат надвор од Р. Хрватска, Амбасадата на Р. Хрватска во Македонија, Министерството за култура на Р. Македонија, Општина Битола.

Ваквите манифестации придонесуваат за уште поголемо зацврстување на веќе одличната соработка и пријателство помеѓу двете земји Македонија и Хрватска.