Во рамките на петтиот меѓународен фестивал по кларинет и саксофон „СаксКлар 2022“, во концертната сала на Офицерскиот дом, се одржа концерт на Горан Трајковски-саксофон и Маја Божиновска-пијано.
Фестивалот оваа година се одржува во неколку градови и тоа Битола, Скопје, Штип и Кавадарци , а во рамките на истиот се и семинарите на гостите од Хрватска и Грција. Програмата бешее составена од дела на Клод Дебиси, Астор Пијацола, Ида Готковски и други.

Минатата година беше потешко заради ковид пандемијата, но сепак се одржа, оваа година фестивалот е во повеќе вечери. Ден претходно исто така во Офицерскиот дом се одржа концерт на Спире Јовановски-кларинет и Верица Дивитарова-пијано кои настапија и во Кавадарци .

Следува концертот на солистите со Камерниот оркестар на Битола, концерт кој потоа ќе биде изведен во Скопје. На програмата ќе бидат дела на Моцарт, Бранѓолица, Дебиси, и др.
Претходно Горан и Маја настапија во Штип на музичката академија, потоа во Скопје во Музејот на музејската борба како дел од овој фестивал. Во рамките на истиот, концерт одржаа Ристо Ѓоревски на кларинет, Весна Ѓиновска Илкова сопран и Елена Атанасовска пијано.
Горан Трајковски своето музичко образование го гради во Државното музичко училиште во Битола, а потоа на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професорот Стојан Димов, каде и магистрираше во 2011 година. Во својата кариера како солист бележи настап со Македонската Филхармонија и Битолскиот камерен оркестар, во кој и самиот е дел како саксофонист по потреба. Учесник е на повеќе семинари кај врвни уметници и педагози, како што се проф. Детлеф Бенсман, професор на Универзитетот на уметности во Берлин, проф.Драган Сремец, професор на Музичката Академија во Загреб, Јоргос Лигеридис професор на Универзитетот во Солун и др. Од 2014-та работи како професор по саксофон и кларинет во Државното музичко училиште во Битола, каде неговите ученици бележат врвни резултати на домашни и меѓународни натпревари.

Маја Божиновска е уметник која својата кариера ја гради со висок професионализам преку настапи на домашни и странски музички подиуми. Како уметнички соработник во камерни состави и како член на Симфонискиот и Камерниот оркестар на Факултетот за музичка уметност во Скопје и на Камерниот оркестар на Битола, учествува на Шопенова вечер, Есенски музички свечености, Златна лира, Битфест, Денови на македонска музика, Скопско лето каде остварува и соло настапи. Својот изведувачки израз го покажува и преку остварување на високи резултати на државни и меѓународни натпревари како Охридски бисери, Montrond les bais во Франција, Даворин Јенко Србија и др. Дипломира на ФМУ – Скопје во класата на проф. м-р Тодор Светиев, а во 2015 година е избрана за активен студент на мастеркласите по пијано раководени од пијанистката Лилја Зилберштајн во реномираната Academia musicale Chigiana во Сиена- Италија, каде реализира и свој настап на летниот музички фестивал Chigiana International music festival- Il Classico Inatteso – Siena. Соработката со Лилја Зилберштајн продолжува на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, под чие менторство запишува магистерски студии кои ги заокружува во 2017 година.
Од 2015 год. работи како професор во Државното музичко училиште во Битола, каде со своите ученици остварува значајни резултати.












