На прес конференција, градоначалникот Тони Коњановски денеска информираше за културните содржини кои оваа година ќе бидат дел од програмата на Битолското културно лето.

Тој рече дека Битола, со својата богата историја и големи културно – историски вредности, заслужува да се развива како град кој ќе се гордее со приматот на важен културен центар со културни манифестации кои градат високи вредности.
Истакна дека културното лето во Битола има континуитет повеќе од 45 години. Од Хераклејски вечери со неколку дневно траење, продолжило да ја менува својата форма и траење зависно од организацијата и финансиските средства со кои располагале организаторите. Од 2001 година Битолското културно лето продолжило да се одржува во организација на општината Битола во соработка со националните институции и поддршка од Министерството за култура, а од 2006 година, општината комплетно ја презема организацијата на Битолското културно лето со акроним БИТ ФЕСТ.

„Водени од желбата да создадеме нешто ново, кое што истовремено ќе ја поврзува традицијата, но и современите достигнувања во културниот свет, оваа година, на 14 издание на Бит Фест, одлучивме да изградиме еден сосема нов концепт на културно лето, кој денес и доликува на Битола.
Содржините кои се дел од оваа програма даваат концепт на издигнување на фестивалот на повисоко естетско ниво со почитување на професионализмот, креативноста и повисоките критериуми и норми на уметничка изведба од страна на авторите и изведувачите кои ќе земат учество на БитФест.
Фестивалот заслужено добива шанса да биде идентитетски силен и да претставува предизвик и за уметниците и за публиката“ рече градоначалникот Коњановски.
Бит Фест годинава го сочинуваат традиционалните и добропознати манифестации и фестивали,но и добри и квалитетни проекти, внимателно избрани од страна на стручната комисија, која изврши програмска селекција на 40 настани од пристигнатите 166 апликации на јавниот повик кој беше објавен од страна на општината, за кои вкупниот буџет изнесува околу 4.500.000 денари.
Концепциски соодветно, во оваа програма вклопени се и манифестациите за кои општината обезбедува финансиска поддршка преку годишната програма за култура.
„Во следните 64 денови, на повеќе просторни сцени во градот на кои како дел од БИТ ФЕСТ ќе се одржуваат 10 фестивали, со гостувања на уметници од над 20 земји од светот, Битола низ автентичен културен израз, ќе ја промовира македонската уметност, култура и традиција пред домашната и странска публика, градејќи и цврсти меѓународни врски, за нови можности за културен напредок на градот.

Утревечер, започнуваме со најголемите македонски хитови на нашата битолчанка Каролина Гочева, со концерт во Хераклеја, а на 31 август ќе завршиме повторно со македонски хитови во изведба на групата „Меморија“.
Во тој период од 19 јуни до 31 август, ќе проследиме квалитетни програмски содржини, меѓу кои на 21 јуни на 10 сцени, ќе го славиме франкофонскиот Празник на музиката или „Солстис“ за убав почеток на летните денови, а следниот ден ќе имаме можност да го проследиме концертот на „Марко Виденовиќ – СЕПТЕТ“. Продолжуваме со програмата на Битола отворен град, а на 25 јуни ќе го отвориме Битола Шекспир Фестивал, каде имаме гостување на театри од Полска, Албанија, Италија, Бугарија, Црна Гора. Дополнително, театарската програма ја збогатуваме со гостување на Македонски народен театар и претставата „Народен непријател“, како и гостувања на тетовскиот и велешкиот театар. За најмладите, оваа година Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“, носи гостувања на театарски претстави од Македонија, Италија, Швајцарија, Полска, Чешка, Иран и Турција, а од филмската уметност во Киното Манаки, ќе следува недела на проекции на детски филмови.
Дел од музичката и музичко сценската уметност на БИТ ФЕСТ,се и виолинистите Владимир Костов, Ана Контраденко, Марко Поп Ристов, сопранот Весна Гиновска Илкова, а под наслов „Со лезет за Битола“ ќе настапат светски познатите, македонски оперски пејачи Ана и Игор Дурловски.
Традиционално, „Со песни за Битола“, продолжуваме со „Незаборав“.

За љубителите на џез – културата, го имаме Интернационалниот „Џез Фабрика Фестивал“, а „Балкан Гала фестивалот“ на Камерниот оркестар на Битола, ќе биде исполнет со поп и рок симфонија.
Музиката и традицијата, продолжуваме да ги негуваме преку Локум фест, а меѓу богатите содржини за време на фестивалот „Илинденски денови“ на БИТ ФЕСТ е и гостувањето на ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“ и Влатко Стефановски.
Дел од официјалната програма на БИТ ФЕСТ се и автори кои професионално се докажале на ликовната сцена, а и други содржини кои верувам дека ќе го привлечат и задржат вниманието на публиката.
За првпат годинава, програмата на БИТ ФЕСТ е збогатена и со Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“.
Како што споменав, официјалната програма, ќе заврши на 31 август, но на предлог на комисијата, поддржани се и апликации кои се однесуваат на културни содржини кои ќе се реализираат во Битола, надвор од програмата на битолското културно лето, до крајот на годината, “ рече Коњановски.
Според него, ваквиот пристап нуди простор и поддршка и за други проекти да бидат презентирани пред битолската јавност, да се потикне потенцијалот за идна соработка, но и да се отвори можност за реализација на проекти кои заради своите специфики и интересот на градот да ги поддржи, имаат потреба за дополнително време и средства за реализација.
Се заблагодари на комисијата во состав М-р Елена Ѓоргиева, пијанист и педагог со 20 годишно искуство во својата област, Димитар Солаковски, дипломиран ликовен уметник, Васко Мавровски, дипломиран актер и уметник, како и другите соработници, меѓу кои и Лили Бошевска, директорка на културно информативниот центар, кој годинава е коорганизатор на БИТ ФЕСТ и вработените од општинската администрација, кои овозможија да направиме одлична програма за Битолското културно лето, кое од оваа година носи нов печат.












