Бугарската влада на премиерот Кирил Петков падна. Против владиниот кабинет гласаа 124 пратеници од ГЕРБ, ДПС, Преродба и доскорешниот владин партнер „Има таков народ“ на Слави Трифонов.
За останување на владата беа 115 пратеници од „Продолжуваме со промената“, Бугарската социјалистичка партија, Демократска Бугарија и шестмина независни, кои ја напуштија партијата на Трифонов.
По гласањето, премиерот за Нова ТВ изјави дека тој и неговата партија ќе испратат писма до сите пратеници во кои ќе ги објаснат принципите и целите на евентуалниот следен мандат. Според него, доколку не одговорат, ќе одат на избори.
Гласањето се одржа точно 24 часа по завршувањето на расправата за гласање недоверба. Претходно четирите опозициски партии прво ја бојкотираа седницата на која требаше да се избере нов претседател на Народното собрание, а потоа го одложија состанокот на Комисијата за надворешни работи на која требаше да се расправа за т.н. Француски предлог за Македонија.
На митингот за поддршка на владата пред Собранието на Бугарија синоќа се приклучија и премиерот Кирил Петков, министри и пратеници од „Продолжуваме со промените“, „Демократска Бугарија“ и „БСП за Бугарија“. Тие беа пречекани со аплауз од граѓаните кои го исполнија плоштадот откако парламентот го поддржа изгласувањето недоверба на владата
Опозициската бугарска партија ДПС достави предлог-одлука до Народното собрание за одобрување на нацрт-преговарачката рамка за Република Северна Македонија и Албанија со ЕУ, предложена од француското претседателство, веднаш по изгласувањето недоверба на владата на Кирил Петков. Како што соопшти лидерот на ДПС, Мустафа Карадаи, владата не направила ништо за придвижување на процесот.
„Зошто го направивме тоа – една година овие министри, чија оставка ја прифативме пред малку, и половина година овој кабинет, за чие гласање за недоверба, не направија ништо во оваа насока. Можеме да кажеме дека тие се обидуваа да му попречат на тој процес со тоа што едно зборуваа во Брисел, а друго во Бугарија, тоа е како лага“, изјави Карадај.
За денеска најавена e седницата на Комисијата за надворешна политика во Бугарија со единствена точка на дневниот ред – францускиот предлог и билатералниот протокол,откако вчера беше изгласана недоверба на владата на Кирил Петков.
Не е време да кажам кои ќе бидат новите министри, кога претседателот на Бугарија Румен Радев, ќе и го додели мандатот на „Промените продолжуваат“, изјави за Нова ТВ премиерот во оставка Кирил Петков.
Според Петков, јавува дописникот на МИА од Софија, нема подобар вицепремиер и министер за финансии на Бугарија од Асен Василев, кој ги фатил обидите за кражба на пари од досегашниот министер за регионален развој Гроздан Караџов, кој е од партијата на Слави Трифонов.
Бугарскиот претседател Румен Радев ниту еднаш не и помогнал на владата и постојано ја критикувал, коментира Петков.
„Радев немаше конструктивна улога ниту на темата Северна Македонија“, дециден беше Кирил Петков.
Премиерот во оставка коментираше дека не го разбира Радев и дека за вакви важни национални прашања сите требало да седнат и да одлучат што да прават по ова важно прашање, бидејќи имало многу добар предлог од француското претседателство со ЕУ, кој ги штити интересите на Бугарија.
„Дали ГЕРБ и Бојко Борисов ќе се вратат на власт во Бугарија зависи од луѓето на улица и гласачите во неа“, коментира Кирил Петков.












