Заврши дваесет и првото издание на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“. На Свечениот концерт што се одржа на 18ти јуни, во катедралната црква Св. Софија, настапија финалистите во дисциплините виолина, пијано и камерна музика во сите возрасни категории што годинава беа застапени на натпреварот. „Охридски бисери“ е веќе познат и афирмиран натпревар во земјава, поширокиот регион, но и во цела Европа по високиот квалитет на организација, особено талентирани и подготвени млади учесници и врвни уметници и педагози што како членови на стручното жири ги оценуваат изведбите.

И годинава, како и во претходните дваесет изданија, многубројната публика во црквата Св. Софија уживаше во десет виртуозни настапи на Финалниот концерт. Комисијата имаше тешка задача да ги одбере најуспешните меѓу нив. I-ва награда доби Алексеј Белевски од III одд, од класата на проф.м-р Марија Шамоска Буџаковски. Неодамна тој освои специјална награда од 100 поени во неговата категорија на меѓународниот натпревар Даворин Јенко во Белград , како и Прва награда со освоени максимални 100 поени на меѓународниот натпревар Сирмиум фест – Србија.

За Најуспешен претставник на „Охридски бисери 2022“ беше прогласен младиот пијанист од Средното музичко училиште во Битола, Арсениј Ангелески, победник во Це категорија, кој на концертот ја изведе „Унгарската рапсодија“ бр. 11 од Франц Лист. Тој е во класата на проф.д-р.Татјана Божиновска.

Познатиот виолинист и педагог, професор на ФМУ од Скопје Љубиша Кировски, воедно и Претседател на Фестивалот „Златна лира“ на младиот пијанист Арсениј Ангелески му додели награда – Рецитал на овој престижен Фестивал што се одржува во организација на Здружението на музичките уметници на Македонија.
Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“, секоја година во месец јуни претставува значаен настан од областа на културата во Охрид, но и место за драгоцена размена на искуства и дружење меѓу младите музички уметници од цела Европа.












