Главната вечер од 21. издание на фестивалот Битола отворен град измина во знакот на настапот на 3 музички бендови. Битолската група ВЕЛ, бендот БAiLDSA од Солун, Грција и Helem Neјse од Сараево, Босна и Херцеговина. Истиот се одржа во градскиот парк во Битола и беше отворен за сите љубители на урбаната музика од Битола и регионот.

ВЕЛ – е музичка група од Битола, која вешто се поигрува со најразлични, современи музички правци. Бенд во постојано создавање, со луѓе кои музички се разбираат и надополнуваат, една звучна кулиса на новото време. Групата е формирана во 2019 год. ЦРНИЛО е нивниот деби–албум. Во ВЕЛ членуваат:Томе Спасовски – бас гитара и глас, Златко Никодиновски – гитара и глас, Сашо Ристевски – тапани, Денис Алитовски – клавијатури и глас. Во текот на снимањето на албумот ЦРНИЛО, кон групата ВЕЛ се приклучил и гитаристот Александар Гулевски.

БAiLDSA – е бенд формиран и со седиште во Солун, Грција. BAiLDSA го нуди својот потпис на панк рок со висока енергија и во студиски снимени албуми и во експлозивните настапи во живо. Алтернативното гледиште на BAiLDSA за правење музика и пишување песни создава експлозивна мешавина од постпанк и инди рок мелодии помешани со елементи од источниот Медитеран и даб, реге сегменти.

Helem Neјse – моментално најпопуларен младински хип-хоп бенд во регионот на Југоисточна Европа кој доаѓа од Сараево, Босна и Херцеговина. Позади себе имаат 3 студиски албуми и многу настапи во живо. Од една страна се поставени нивните ангажирани текстови а од друга страна тоа што кај младите важат како бенд за „задолжителна забава“.

Фестивалот се одржа како дел од програмата на Битолското културно лето. Изминатите денови на програмата беа настапите на BERRYQYAT B2B DEJAN DEX, на BAD JUJU B2B JOSS, промоцијата на книгата „Во дијалог“, визуелна и применета ликовна програма на КСП Центар-Јадро (2020-2021)“, каде се поместени сублимираните транскрипти од презентациите и разговорите со десет македонски визуелни уметници, пет видео уметници од Македонија и регионот и пет македонски дизајнери, промоцијата на монографијатата: „МИЗАР Откровенија 1981-2021″ со Тошо Филиповски, како и слушачката промоција на музиката на Мизар со Александар Гулевски.

Во годината кога МКЦ Битола одбележува 25 години од своето постоење го реализираа и 21-вото издание на фестивалот спакувано во ново руво. Го подарија фестивалот на младите во градот и регионот со силно уверување дека Битола имала и ќе има авангардна младина и критична маса подготвена за големи предизвици. Фестивалот годинава целосно беше посветен на новата генерацијата и ова фестивалско издание комуницираше токму така, надвор од стандардите, со нови форми.
Редица артисти од електронската музичка сцена, уметнички дијалози за музика и ликовна уметност, беа дел од 21.издание.
Фестивалот се одржуваше од 23 до 26 Јуни, во организација на Младински културен центар- Битола.












