Претставата „Ана Карењина,“ на театарот во Нови Сад, a во режија на битолчанецот, Дејан Пројковски гостуваше во Будимпешта. Претставата работена по култниот роман на Лав Николаевич Толстој, ја фасцинираше публиката која 5 пати ги враќаше на бис актерите.
Претставата беше премиерно изведена во октомври 2019 година и од тогаш, и покрај вонредната ситуација и прекините со работа на театрите, бележи извонредни успеси во Србија, но и пошироко. Имено, „Ана Карењина“ ги понесе наградите на сите релевантни фестивали во Србија во изминатите две години, како што се фестивалот на професионални театри на Војводина, „Тврџава“ фестивал, на фестивалот „Борини театарски денови“ во Врање, “Позоришно пролече“ во Шабац и други.

Со овие награди, „Ана Карењина“ е најнаградуваната претстава во историјата на Новосадско народно позориште – Нови Сад, а истовремено го вбројува македонскиот режисер Дејан Пројковски во редот на најзначајните театарски режисери на денешнината, не само во Македонија туку во целиот регион.
„Ова е продолжување на долгогодишната соработка на македонскиот театар и нашиот театар“ , истакна директорот на театарот во Нови Сад Валентин Венцел и додаде „Новосадскиот театар во својот историјат, секогаш имал добра соработка со македонскиот театар, со уметниците од таа сцена. Кога јас започнав со својата кариера, редовно во театарот во Нови Сад режираа македонски режисери како Унковски, Ѓорѓиевски, Милчин. Нашиот театар е во една таканаречена братска поврзаност со македонскиот театар. Со нашиот колега Пројковски како претставник на помладата генерација на режисери од таа која ја споменав, имаме одлична соработка и многу сме среќни за тоа, што претставува едно продолжување на континуитетот на одличната поврзаност со македонскиот театар“.

Во претставата играат : Марта Береш, Атила Немет, Арпад Мезарош, Золтан Сирмер, Џудит Ласло, Габор Понго, Бланка Диенеш, Агота Ференц, Роберт О Швар, Ливиа Банка, Терезија Фигура, Мартин Бохоки и др.
Актерката Марта Береш, за улогата на Ана Карењина е прогласена и за најдобра актерка во Унгарија.
„Многу сум горда и со самото тоа што самата драматургија е создадена така што самите работевме на романот, немавме надворешни соработници. Заедно го читавме романот повеќе пати и секој за себе ги издвои главните реченици. Се сеќавам Дејан ми кажа: имаш 5 дена да го напишеш последниот монолог и да ги содржи речениците кои за тебе се најочајни, реченици кои го тераат човек да раскрсти со се што го кочи.И секој пат кога се присетувам на тоа се сеќавам на сите слоеви од мене кои тој процес ги донесе, слоеви кои ги разоткривам“, ни изјави актерката Береш.
Таа го имаше и своето прво појавување на филмско платно и тоа во главна улога во романтична комедија во режија на Питер Варсич.

Актерот Арпад Мезарош исто така е добитник на награди со оваа претстава меѓу кои и наградата „Љубиша Јовановић“ за улогата на Алексеј Вронски.
Актерот Атила Немет кој е во улогата на Алексеј Карењин истакна: „Наградите доаѓаат од нашата љубов кон претставата“.
Кореографијата е на Олга Панго, музиката е на Горан Трајкоски, сценографијата на Валентин Светозарев, а костимографка е Марија Пупучевска. Асистент на режисерот е Атила Клинче.
„Целата поставка е комбинација од класични елементи на сцената и костимите, современи во другите аспекти (музиката и глумата)“, истакнуваат театарските критичари.
Претставата беше рангирана и во најдобрите пет претстави во театарската сезона 2019/2020, според проценката на порталот „Едит култура во Белград“. Следната година оваа претстава ќе учествува на театарската олимпијада која ќе се одржи во Будимпешта.












