Годинешното издание на фестивалот „Илинденски денови“ ќе се одржува од 18-30 јули 2022 .„Од корените…до цветот“ е годинешниот слоган на фестивалот кој значи лето во Битола, значи носење на светскиот фолклор на улиците и сцените низ нашиот убав град, значи и поздрав и со нашите македонски игри и песни, обичаи, значи почит кон традицијата и поглед вперен кон тоа како традицијата ни дава сила за иднината, како и коренот што дава надеж за цветот.
И ова е само најава за досега можеби најбогатото фестивалско издание кое се шири со повеќе денови за разлика од порано, воведува и фестивал на етно филмови, носи нови интересни концерт соработки, иновира нови научни собири на тема етнологија, работилници во кои се оживува традицијата и неколку модерни етно перформанси кои се цветот на фестивалот, посадени врз корените на традицијата.
„Пред 4 години мојот мандат започна со овој фестивал и мене ми е драго што и новиот мандат го започнувам со Илинденски денови, фестивал кој е гордост на Центарот за култура, единствен фестивал од нашата држава со ЦИОФ сертификат“, истакна Маја Андоновска Илијевски,директорка на битолскиот Центар за култура на денешната прес конференција.
„Овој фестивал е фестивал кој чува, поттикнува на истражување, инспирира и креира и развива. Заради сето тоа денешната слика на фестивалот е еден прекрасен мозаик од традиција која потекнува од корените и од цветови кои ги сочинуваат креативноста и луѓето кои се дел од овој фестивал“, изјави Валентин Соклевски кој како селектор долги години стои зад комплетната програма и организација на фестивалот.
Фестивалот Илинденски Денови во 2017 година, на еден од светските конгреси на CIOFF во Индонезија, стана сертифициран CIOFF Festival, еден од вкупно 100 најреномирани фолклорни фестивали ширум светот, исполнувајќи ги тие строги критериуми на оваа светска организација која е официјален пратнер на УНЕСКО, акредитирана од неговиот комитетот за чување и промовирање на традиционалната култура и фолклор кои се нематеријално светско културно наследство.












