Во рамките на меѓународниот фестивал “Илинденски денови” во фоајето на народниот театар во Битола беше отворена изложбата на ЈОУ Дом на култура “Македонија” – Гевгелија “Манастирите и црквите во Гевгелиско (Стара Гевгелија)”. Изложбата ги репрезентира материјалните, културните и духовни свети храмови кои егзистираат во регионот на општината Гевгелија.
Дел од овие храмови се Црквата „Свети Димитриј“ во Смоквица, Црквата „Света Петка“ во Милетково, Црквата „Свети Константин и Елена“ во Миравци, Црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Давидово, Манастирот „Свети Илија“ над селото Давидово, Црквата „Свети Спас“ во Петрово и Црквата „Свети Атанасиј“ во Габрово.

На дел од фотографиите се претставени спомен куќи, меѓу кои дел од нив се заштитени како културно наследство. Претставени се некогашниот Хотел Отоман или денешен кафе бар Центар кој е изграден далечната 1912 година, Старата градска чаршија чии лик почнал да се формира далечната 1900 година, потоа Турскиот конак, денес фамилијарна куќа на семејствата Карајанови и семејството Чугунски, изграден 1876 година. Стара градска куќа, некогашна Радио Телевизија Гевгелија, изградена 1908 година, потоа познатата градска Пивница или денес ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ за која нема точен податок за нејзината градба. На фотографиите е и Владовиот конак или денешен Музеј, изграден 1906 година, Старата парна локомотива за која е стара повеќе од 150 години и белегот на градот Гевгелија, а тоа е железничката станица која започнала со изградба 1932 година.

Сите градби, храмови, споменици и архитектура се презентирани во корелација со соодветна облековна култура која респондира со моментот на чинот претставен на фотографиите. Дел од таа облековна култура се типичните елементи на носијата од пределот Бојмија кои карактеризираат одделни социјални статуси (зет, невеста, момче, девојка, млада жена, овчар, русалија), како и дел од облековните елементи карактеристични за градската средина, односно носија од периодот на Ала Франга.












