Со концертот на етно групата „Монистра“ на платото пред Офицерскиот дом во Битола почна 16 издание на „Локум фест – музика и традиција 2022“, кој е дел од програмата на БИТ ФЕСТ. Фестивалот продолжи со „Плантек“ од Бретања, Франција, чија музика е спој на традиционална и електронска музика.

Вечерва, на истата локација ќе биде промовиран ладино албумот „Монастир“ на американката Сара Ароесте, посветен на Битола, со музичари од Израел и Македонија. Вечерта завршува со играње и пеење на балканска музика со познатата хрватско-шведско-македонската група „Афион“.

Дел од фестивалот ќе се одржи во Старата битолска чаршија каде се предвидени работилници за музичко новинарство и промоција на магазинот „Етноумље“, со гостите од Србија, како и Саем на ракототворби со ЗУР „Македонски ракотоворби“ и изложбата подготвена од партнерите Државен архив – одделение Битола, насловена како „Данабаш низ архивскиот материјал – Раскошот и проклетството“.
Во музичкиот дел ќе настапи и пензионерското пеачко друштво „Сирма Војвода“ од Битола, тајфата „Антико“ и специјалните гости , џипси – ска бендот „Gipsy Groove“.
Локум фест е првата фестивалска манифестација во Македонија која својот зародиш го има во Старата битолска чаршија, како обид да се сврти вниманието кон неа. Битолската чаршија синоним за занаети, еснафи, мултикултурализам, за кафе со локум како синоним за средба. А таа со години се празни, а објектите ги јаде времето. Амбиенталната архитектура, сведок на едно време, сè повеќе се стилизира или распаѓа, а со тоа и нашата врска со минатото. Оттаму и е мотивот и идејата за фестивал кој ќе ги спои во еден концепт музиката, традицијата, креативните индустрии и културното наследство.












