Претседателката на Тајван, Цаи Инг-вен синоќа изјави дека кинеските воени вежби се „неодговорни не само кон Тајван, туку и кон меѓународната заедница“.
Таа во видеообраќање истакна дека Тајван нема дополнително да ги ескалира тензиите со Кина, но нагласи дека ќе го брани својот суверенитет.
„Нашата влада и армија внимателно ги следат кинеските воени вежби, ги следиме сите информации, подготвени сме да одговориме доколку е потребно. Ја повикувам меѓународната заедница да поддржи отворен, демократски Тајван и да запре секаква ескалација на регионалната безбедносна ситуација“, изјавила таа.
Министерството за одбрана на Тајван вчера соопшти дека Кина лансирала 11 балистички ракети „Донгфенг“ во водите во близина на северниот, јужниот и источниот брег на островот.
Додека тајванското Министерството за надворешни работи вчера соопшти дека Кина ја загрозува безбедноста на Тајван и ги повика земјите да го поддржат Островот „заедно да ги бранат слободата и демократијата“.












