Специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот на Белград и Приштина Мирослав Лајчак и специјалниот американски претставник за Западниот Балкан Габриел Ескобар веројатно неделава ќе ги посетат Белград и Приштина.
Како што јавува Радио слободна Европа, целта на посетата е уште еднаш да се разговара со двете страни за да се најде решение кое се однесува на издавањето на влезно-излезните документи за српските државјани кои одат на Косово.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Аљбин Курти се сретнаа на 18 август во Брисел во рамки на продолжувањето на дијалогот на Белград и Приштина, но тие разговори завршија без договор.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел тогаш најави продолжување на преговорите.












