Данските власти ги предупредија бродовите да ги избегнуваат водите околу островот Борнхолм во Балтичкото Море, во радиус од пет наутички милји, поради истекување гас од гасоводот „Северен тек 2“, а пад на притисокот е забележан и во „Северен тек 1“, пишува порталот 360 степени.
Германската влада соопшти дека е во контакт со данските власти и дека работи со локалните истражни органи за да открие што довело до ненадеен пад на притисокот во гасоводот, пренесува Ројтерс.
Предупредување упатија и шведските поморски власти.
Гасоводот, кој требаше да го удвои волуменот на гас што тече од Санкт Петербург под Балтичкото Море до Германија, беше завршен и наполнет со 300 милиони кубни метри гас, кога Германија ја откажа употребата, неколку дена пред рускиот напад врз Украина.












