ТЕРА

REKLAMA???

СТОЈКОВСКИ ПРОМОВИРАН КАКО ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ФК ПЕЛИСТЕР, ПРЕТСТАВИ ПЛАН ЗА СТАБИЛИЗАЦИЈА НА КЛУБОТ

Новиот претседател на клубот Митко Стојковски и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес информираа за идните планови со кои клубот со поддршка од општината планира да продолжи да функционира во понатамошниот период. Согласно програмските заложби на новото раководство, визијата и целите ќе бидат насочени кон стабилизирање на клубот и негово враќање во Првата лига, но и зајакнување на школата и подобрување на условите за тренинг на младите фудбалери.

„Како ново раководство ќе направиме сè да го вратиме клубот на местото на кое што припаѓа. За таа цел изготвивме своја програма и се надевам дека во наредниот период ќе ја реализираме. Имаме програма на краток, среден и долг рок. Наша прва цел е враќање во Првата лига, ни престои пролетен дел и борба за враќање во елитата. Имаме силна конкуренција, но во следните петнаесет кола ќе се бориме за исполнување на целта.

На среден рок е стабилизација на клубот, секако со помошта на Општина Битола. Ветувам дека ќе се вложиме 100% да го подигнеме клубот во сите линии. Најголем акцент ни е школата и цел ни е да ја подигнеме на повисоко ниво, да воспоставиме нов систем на работа. Целта е да го достигнеме нивото на школата од поранешна Југославија, каде што таа функционираше беспрекотно и даваше голем број репрезентативци. За таа цел потребни се услови и веќе работиме на тоа. Разговараме за изградба на тренинг центар, кој ќе биде база на нашите деца. Ни треба поддршка од Опптината, од ФФМ и од стопанствениците од Битола, кои ќе се пронајдат во овој проект. Во нашата школа работа преку 400 деца, од 6 до 18 години. Со нив работат десетина тренери и сакаме нивниот процес да го подобриме.

Долготрајната цел е да неколку години таа школа да дава првотимци, па потпомогнати од фудбалери од другите градови и странски фудбалери да имаме еден конурентен тим, кој што ќе се бори за излез во Европа. Стабилизација на сите нивоа е наша цел и макотропно ќе работиме на остварување на таа цел. Битола како некогаш ќе се гордее со ФК Пелистер. Бараме поддршка од новинарите, јавноста и „Чкембарите“, кои секогаш се наш дванаесетти играч и заедно да ги оствариме целите“, рече во своето излагање Стојковски.

Градоначалникот д-р Тони Коњановски, нагласи дека, Битола е град со голем спортски потенцијал, кој заслужува поддршка и поттик.

„Дел од нашата заложба е на секој граѓанин да му овозможиме услови заспортскиот живот во градот. Ние сме град со голема традиција и талент, кој заслужува поддршка и поттик. Веруваме во нашите докажани спортисти и репрезентативци, кои своите резултати ги потврдиле и надвор од границите на нашата држава, како што е Митко Стојковски, со чија помош, како претседател на ФК Пелистер, сигурен сум дека ќе постигнеме стабилизирање и враќање на клубот во Првата лига, каде што и заслужува да биде“, рече Коњановски, додавајќи дека, во понатамошниот период, планирано е создавање на нов тренинг комплекс со повеќе терени и подобри услови за спортистите, како нов темел на една солидна спортска политика.

Коњановски, информираше дека, ова е дел од заложбата на општината за поддршка и афирмација на спортот и поттикнување на спортскиот дух кај младите луѓе, за што со Програмата за спорт и млади годинава општината издвои 40.100.000 денари. Овие средства се предвидени за поддршка за спортските клубови и здруженија, како и за индивидуалните спортисти, професионалниот спорт, женските спортски здруженија, училишниот спорт, универзитетскиот спорт, како и организација на спортски манифестации преку кои се промовира спортот и се поттикнуваат младите на спортски активности.